Многу е тешко кога сте тажни да донесете рационална одлука и да бидете во тој момент хумани, човекољубието да биде над вашите внатрешни и најдлабоки емоции. Затоа сметам дека семејствата се најголемите херои, порача националната координаторка за трансплатација д-р Маја Мојсова Мијовска и се заблагодари на фамилијата на Емилија Динева –жената чие срце и бубрези беа донирани на тројца пациенти.

„Ова немаше да биде успешно доколку не постоеше семејството што со голема емоција ги даруваше органите. Сметам дека ова може само да ни даде уште поголема вера и надеж дека семејствата што ќе се соочат со загуба на близок ќе се одлучат за донирање на органите и сепак голем број пациенти ќе имаат шанса да продолжат со лекување со нов орган. Сакам да изразим сочувство на семејството и да кажам дека срцето на нивната драга чука и во суштина се уште живее“,
изјави Мојсова.
Мојсова вели дека после овој чин конечно се отворило прашањето во јавноста за важноста на органодарителството.
„Нашиот закон е јасен. Сите сме донори доколку не се изјасниме во текот на животот дека не сме и тоа на писмено кај нотар. Но, во суштина сепак семејството го дава последниот збор и затоа многу во суштина треба да вложиме и во едукација, не само на медицинскиот кадар, туку и на граѓанството и општеството што значи органодарителство после смртта“,
изјави Мојсова.
Проф. д-р Сашко Јовев од Државната кардиохирургија, под чие водство е изведена трансплатацијата, рече дека пациентот засега е добар и изрази надеж дека ќе почне да закрепнува.

„Овој зафат не само што претставува круна во кардиохирургијата во нашата земја, туку и претставува процес на заокружување на лекувањето на терминалната срцева слабост. Трансплатацијата на срце, иако најретко може да го добиеме, е можеби најдобар одговор“,
зјави Јовев.
Доктор Жан Митрев од Клиниката „Жан Митрев“, рече досега имало многу малку разбирање за овој проблем, но дека со овој чин се покажало дека државата има капацитети за ваков тим на операции кои како што рече, „ги сплотија докторите со една цел – да лекуваат пациенти“.
Д-р Александар Николиќ порача дека ова е еден од најзначајните чекори во македонската медицина и „историски ден“.
