„Министер треба да биде добар менаџер, кој го познава системот и може да придонесе за подобрување на ресорот. Имало и примери во минатото кога министер за здравство не бил доктор“, рече тој
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити и просторно планирање денеска изјави оти се комплетира листата со предлози за министри, заменик-министри, како и дека деновиве тие ќе бидат доставени до Владата.

„Деновиве се комплетира листата и со членови на Владата, со заменици и со други позиции. Се работи на тоа, деновиве предлозите ќе бидат доставени“,
кажа тој.
На прашањето дали смета оти поранешниот министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу како доктор на информатички науки ќе се справи во ресорот здравство, Меџити вели дека тој е добар предлог за министер за здравство.
„Сметам дека Алиу е најдобар предлог за таа позиција. Министер треба да биде добар менаџер што го познава системот и што може да придонесе за подобрување на ресорот. Имало и примери во минатото кога министер за здравство не бил доктор“,
вели вицепремиерот Меџити.
За новиот директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Аљи, посочи дека може и да го надмине темпото на досегашниот Стојанче Ангелов.
Посочи и дека вчера во претседателството на ВЛЕН се вклучиле 10 члена од Алијанса за Албанците на чело со Арбен Фетаи.
На синоќешниот состанок на партиското централно претседателство е избран Аднан Азизи за шеф на штабот, кој информирал и за формираниот тим и за отворањето штабови во сите градови каде ВЛЕН претендира за локалните избори.
Алиу е поранешен министер за информатичко општество и администрација (февруари 2023-февруари 2024 г.), а по одлуката на Арбен Таравари за напуштање на актуелната влада, одлучи да остане дел од ВЛЕН.
Како редовен професор и експерт во областа на компјутерските науки предава на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.