Доволна количина ленти која ќе ги задоволи потребите на дијабетичарите е веќе на пат кон државата, а во текот на следната недела ќе бидат достапни во аптеките, пишува министерот Меџити во својот фејсбук-статус
Следната недела во аптеките ќе бидат достапни ленти за мерење на шеќер во крвта. Ова денеска министерот за здравство Фатмир Меџити го сподели на својот фејсбук-профил и вели дека конечно е надминат наследениот проблем.
„Наследените проблеми ги решаваме затоа што пациентите секогаш ми биле и ќе ми бидат на прво место. Го решаваме наследениот проблем со недостаток на ленти за мерење на шеќер во крвта. Доволна количина ленти која ќе ги задоволи потребите на дијабетичарите е веќе на пат кон државта, а во текот на следната недела ќе бидат достапни во аптеките“,
пишува Меџити во својот фејсбук-статус.
Освен лентите за мерење на шеќер во крвта, Меџити вели дека се прават максимални напори што побрзо да пристигнат и сензорите за дијабет. Со нив, вели министерот, децата по првпат ќе може безболно да го мерат шеќерот во крвта и вети дека во неговиот мандат доцнење на набавка на лекови нема да има.
„Правиме и максимални напори наскоро да пристигнат и сензорите за дијабет кои попрв пат ќе може да ги користат децата за безболно мерење на шеќер. Со ова ќе исполниме едно од најзначајните барања на дијабетичарите“,
додава тој.
Меџити во својот статус на Фејсбук им се заблагодарува на трпението на пациентите и вели дека жали за настанатата ситуација која е резултат на непостапувањето и негрижата на Беким Сали.
„Како што ветив, додека сум јас министер, доцнење на лекови кои ги обезбедува Министерството за здравство нема да има“,
напиша министерот Меџити на Фејсбук.
Во петокот од Сојузот на здруженија на дијабетичари информираа дека антидијабетната терапија и инсулинските игли, заедно со новите терапии се пуштени и дека тоа е она што го барале.
Димче Велев, претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, рече дека и покрај тоа што антидијабетната терапија е веќа пуштена во аптеките, останува отворено прашањето за тоа што ќе се прави со промената на системот за глукомери и ленти.
„Тендерот е потпишан и за неколку недели, во најбрз можен рок, се очекува да се донесат 40 илјади глукомери и 700 сензори за деца. Два сензора ќе бидат нови. Првпат во 30 години, државата воведува сензори за деца до 18 години. Секое дете до 18 години, слепи деца, како и оние со гестациски дијабетес ќе добиваат сензор. Тоа е промена. За седумстотини деца веќе нема да има боцкање на глукомер, туку ќе бидат со сензори“,
рече Велев додавајќи дека сите лица со дијабет тип еден треба да добијат сензори.
На електронскиот систем за јавни набавки можеше да се види дека Министерството за здравство во четвртокот има склучено договор со домашна фармацевтска компанија за набавка на 600 сензори во периодот од 2023 до 2025 година. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е околу 1,5 милиони евра.