Првиот вицепремиер во своето обраќање на свечената седница во Владата по повод Денот на албанската азбука рече „Уставниот суд денеска, за жал, се претвори во институција кон која сите фрлаат оган, гнев и стрели, а кон која со почит требаше да се гледа како на чувар на правата и слободите на граѓаните“
Оваа година прославата на Денот на албанската азбука нè затекнува среде жестока дебата за официјалната употреба на албанскиот јазик во нашата земја, намерно поттикната за да се дефокусира јавниот интерес и да се произведат вештачки кризи таму каде што ги нема.

Ова денеска во своето обраќање на Свечената академија во Влада по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, го кажа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и додаде дека оваа дебата предизвикува непотребни тензии во нашето општество и во регионот.
„Реков и пак ќе повторам, ниту едно добиено и спроведено право не може да се укине или ограничи затоа што ако сакаме луѓето да бидат третирани како еднакви во мултиетнички општества, тогаш наша должност е да им обезбедиме или да им гарантираме уживање на стекнатите права и слободи“,
рече Меџити.
Неговото осврнување на темата е во пресрет на најавената одлука на Уставниот суд за дел од одредбите на Законот за употреба на јазиците, што наидува на жестоки реакции, особено од опозициската ДУИ.
Меџити во своето обраќање рече „Уставниот суд денеска, за жал, се претвори во институција кон која сите фрлаат оган, гнев и стрели, а кон која со почит требаше да се гледа како на чувар на правата и слободите на граѓаните“.
„Ние не сакаме ниту една институција во државата да има толку негативен углед и ги повикуваме сите институции да ја вршат својата работа во согласност со овластувањата и надлежностите што ги имаат“,
рече првиот вицепремиер.
Оттука, додаде тој, очекува од Уставниот суд „да се занимава со аспектите на човековите и граѓанските права и слободи и да не се впушта во политички размислувања за актуелни прашања и на тој начин да стане партија“, туку да остане непристрасен арбитер и да се држи подалеку од поларизирачки влијанија кога носи одлуки.
Инаку, одлуката што се очекува Уставниот суд да ја донесе за Законот за јазиците беше и една од главните теми на кои премиерите на Северна Македонија и на Косово, Христијан Мицкоски и Албин Курти, беа прашани за коментар на прес-конференцијата по заедничката седница што владите на двете земји ја имаа на почетокот на неделава.
Одговорот на косовскиот премиер, дека во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото, туку дека станува збор за Закон за употреба на јазиците и оти смета дека албанскиот јазик не е под закана наиде на осуда кај Демократската унија за интеграција. Функционери на ДУИ изјавата на Курти ја оценија како скандалозна и охрабрувачка за оние што сакаат да му наштетат на Охридскиот рамковен договор.
Од друга страна, од владејачката коалиција „Вреди“, од која доаѓа и вицепремиерот Меџити, оценија дека косовскиот премиер бил коректен во својата изјава.
Инаку, Меџити во првиот дел од своето обраќање на денешната свечена седница во Владата по повод Денот на албанската азбука се осврна на историјатот на усвојувањето и кодификацијата на албанската азбука и писмо, посочувајќи дека со тоа биле спречени обидите за асимилација и бришење на албанскиот јазик од меморијата на Албанците.
„Денес, азбуката на албанскиот јазик е дел од составните и дефинирачки елементи на албанското идентитетско стебло. Првиот се буквите на латиницата, што е дефиниција за западноевропскиот идентитет на Албанците. Второ, кодификацијата на азбуката овозможи производство на писмени , печатени, историски, јазични, научни, уметнички докази за постоењето на Албанците и трето, азбуката е основен предуслов за културата на еден народ“,
рече Меџити.
Пред Меџити, свое обраќање на свечената седница во Владата имаше премиерот Христијан Мицкоски кој, меѓу другото, рече дека Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето, а не темите што не разделуваат и политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја зад народот кого го крадеа.