Ќе бараме отштета зошто болницата не е изградена. Банкарската гаранција беше шест милиони евра, тие пари се во Министерството во склоп на проектната единица и тие ќе се искористат за доизградба на болницата, вели министерот Меџити
Министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека наскоро ќе биде објавена нова тендерска постапка за доизградба на Клиничката болница во Штип, како и дека веќе е покрената кривична постапка против грчката фирма ИНТРАКАТ која пред осум години почна да го гради објектот.
„Постапката ќе биде објавена многу брзо, мислам во февруари, за конечно, еднаш засекогаш да се заврши изградбата на болницата, затоа што моите колеги овде, кои се врвни лекари, треба да имаат подобри услови за работа, а пациентите ќе добиваат поквалитетни услуги. Ќе течат сите процедури, а на денот кога ќе го распишеме тендерот, ќе го соопштиме и рокот за доизградба. Тој што ќе задоцни ќе мора да одговара“,
рече Меџити при денешната посета на Клиничката болница Штип.
Министерот најави и дека веќе имаат покренато кривична постапка со Државното правобранителство против фирмата што ја почна изградбата и таа, како што рече, ќе треба да се соочи на суд со нашите државни органи.
„Ќе бараме отштета зошто болницата не е изградена. Банкарската гаранција беше шест милиони евра, тие пари се во Министерството во склоп на проектната единица и тие ќе се искористат за доизградба на болницата. За довршување на градежните работи нема да се користат пари од кредити, туку од државниот буџет“,
додаде Меџити.
Од Министерството за здравство на 10 јули 2023 година соопштија дека договорот за изградба на новата штипска болница е раскинат пред десетина дена и оти во тек е пресек на активностите.
Оттаму рекоа дека биле поднесени барања за активирање на банкарски гаранции, во износ од шест милиони евра и тие се реализирани. Рокот за изградба бил 30.06.2023, а реализирани биле само 30 отсто.
Меџити, при денешната посета на Клиничката болница Штип, информираше дека сè уште се чека извештајот од стручната комисија што тој ја формира за испитување на случајот со починатата родилка од Делчево.
Тој додаде дека се работи за покомплициран случај, но наодите од увидот ќе бидат јавно објавени штом ќе бидат готови.
Посетата на штипската болница беше по повод набавка на нова медицинска опрема – лапараскопска и ендоскопска опрема, нов ултразвук колор доплер апарат со две сонди и цисто-уретроскопски сет.