„Истото се случува и во Митровица со водоводот, со терористичкиот акт, а исто така и овде има сили што сакаат да дестабилизираат“, рече Меџити
За инцидентите што се случија со палењето и сквернавењето на државното и албанското знаме, ќе одговараат сите и нема да има компромис кон ниту едно лице што го прекршило законот, истакна вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Тој ги поврза инцидентите во земјава со настаните што се случија на северот на Косово изминатите денови како обид за дестабилизација на регионот.
„Истото се случува и во Митровица со водоводот, со терористичкиот акт, а исто така и овде има сили што сакаат да дестабилизираат. Беше очигледно дека ноемвриските празници беа одбележани како никогаш досега, започнувајќи со свечената седница на Владата и завршувајќи со централната манифестација на плоштадот ’Скендербег’. Празничен концерт каде што учествуваа училиштата, градинките, сите институции и едноставно не можев да направам разлика помеѓу Скопје и Тирана за време на прославите. Тоа некому му пречеше, тој манипулираше со младите, кои по инструкции сакаа да ја нарушат празничната атмосфера. Како прв заменик-претседател на Владата, ја повикувам популацијата на смиреност, да ја надминеме оваа ситуација, и со голема одговорност велам дека секој што го прекршил законот, член 393, ќе одговара пред органите на правдата“,
порача Меџити.

Според Меџити и тие што запалија и сквернавеа државно знаме, но и тие со албанското знаме во Прилеп, ќе добијат кривични пријави.
„Ќе се покрене дисциплинска постапка за полицаецот од Куманово кој место да држи ред и мир се занимава со знамињата, што не е негова одговорност. Тоа е одговорност на општината или на јавното претпријатие кое ги поставува и ги отстранува знамињата, а во овој случај не беше така“,
додаде Меџити.