„Ние не сакаме по секоја цена да бидеме дел од некоја влада која нема да биде европски настроена. Цениме дека таква партија е само Левица, која е антиевропски настроена и со нив не би сакале да сме во иста влада. Другите, кој повеќе кој помалку, се европски настроени. Наш приоритет е европската интеграција“, вели Меџити

Изет Меџити, лидерот на партијата Демократско движење, кој е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, вели дека по изборите на 8 мај не сакаат да бидат дел од некоја влада која нема да биде европски настроена.
Меџити денеска во изјава за медиумите рече дека единствено со партијата Левица не би сакале да бидат дел од иста влада бидејќи, како што рече, таа е антиевропски настроена.
„Ние не сакаме по секоја цена да бидеме дел од некоја влада која нема да биде европски настроена. Цениме дека таква партија е само Левица, која е антиевропски настроена и со нив не би сакале да сме во иста влада. Другите, кој повеќе кој помалку, се европски настроени. Наш приоритет е европската интеграција“,
рече Меџити одговарајќи на прашањето дали уставните измени и натаму се нивниот главен услов за влегување во новата влада.
На прашањето кои се условите што ќе му ги предочат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако тој веќе најави оти „Вреди“ ќе биде дел од новоформираната влада по изборите Меџити рече дека сега се фокусирани на промовирање на нивната кампања и на победата на изборите.
„Фокусирани сме на промовирање на нашата кампања, на победата и уверени сме дека ние ќе бидеме претставници и ќе го имаме легитимитетот на Албанците и ова е нашиот фокус до 8 мај. После тоа ќе седнеме и ќе преговараме за програмата на владата каде што ќе има усогласување. Ние сме стожер и партнер и на меѓународната заедница и на граѓаните дека Македонија ќе се движи по патот кој е единствена алтернатива за земјата, а тоа е евроатлантскиот процес“,
рече Меџити.
Прашан за коалицирањето победник со победник, Меџити рече дека тоа е од 2006 година, но оти ДУИ во 2016 година го има прекршено.
„Тоа беше во 2006 година кога ДПА ги изгуби изборите и беше дел од Владата. Во 2008 година имаше мајски договор каде беше предвидено победникот кај Албанците и победникот кај Македонците да коалицираат и да направат Влада. Но, во 2016 година токму ДУИ тоа го прекрши бидејќи ВМРО-ДПМНЕ доби 51 пратеник, а СДСМ имаше 49 и ДУИ одлучи самиот договор да го прекрши и од оваа призма добро направи што го прекрши бидејќи тоа беше потребно државата. Но, кога ти ќе ги прекршиш немаш право да го бараш тоа од другиот“,
додаде Меџити.
Според Меџити, аргумент што не оди во прилог на ДУИ е дека на овие избори после 22 години, заради „Вреди“, заради тоа што има силна опозиција, Ахмети спасот го бараше кај Бошњаците, Ромите, Турците.
Тоа што ДУИ е во коалиција со нив, како што рече Меџити, е легитимно, но веќе не може да се повикува дека тој е албанска опција бидејќи разликата во гласови го направи со помош на помалите заедници.
„ДУИ веќе не е чиста албанска опција. Чиста албанска опција е само ’Вреди’. Сите знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ја води новата Влада, а они имаат во коалицијата турска, бошњачка, ромска партија. Така да немаат потреба од повеќе други помали партии од помалите заедници оти така сите ќе бидат дел од владата и нема да остане никој во опозиција“,
рече Меџити.
Денеска и лидерот на Алтернатива, кој е дел од коалицијата „Вреди“, Африм Гаши, во изјава за медиумите во извесна мера ја потврди најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти „Вреди“ ќе биде дел од новоформираната влада по изборите на 8 мај.
Гаши порача дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Коалицијата „Вреди“, како што оцени Гаши, е гаранција дека уставните измени ќе бидат усвоени во идната влада.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека идната владина коалиција ќе ја предводи неговата партија, а во неа ќе биде и коалицијата „Вреди“.