Според Меџити, нивниот кандидат ги исполнува условите и ќе се пријави на огласот
Абдуш Демири е кандидатот на aлбанскиот опозициски блок „Европски сојуз за промена“ за член на Државната изборна комисија (ДИК), соопшти вечерва во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, Изет Меџити, претседател на Демократско движење.
Според Меџити, нивниот кандидат ги исполнува условите и ќе се пријави на огласот. Тоа место во ДИК, вели Меџити, мора што поскоро да се пополни за, како што рече, да сопрат шпекулациите дека Владата подготвува нефер избори.
„Самиот факт дека ќе се барало мислење од комисија во Собранието за да се утврди на кого му припаѓа тоа место, значи дека се подготвува некое сценарио“,
рече Меџити, додавајќи дека целта е тие да бидат надвор од медиумската кампања и да немаат членови во изборните комисии.
По именувањето на Кренар Лога од Алијанса за Албанците за министер за правда се испразни едно место во ДИК кое треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.
Демири, кој е член на Движењето Беса, во 2020 година беше назначен за директор на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.