Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на денешниот почеток на градежните работи на автопатот Тетово – Гостивар, кој е дел од Коридорот 8, рече и дека со ваквите проекти се создаваат можности младите да се вратат дома

Наместо фотообјективи, околу нас се слуша звукот на багери, камиони и булдожери, а само пред неколку години единствените градежни активности тука беа гламурозни прес-конференции и ленти кои никогаш не беа пресечени со асфалт – рече првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити на официјалното започнување на градежните работи на автопатот Тетово – Гостивар, кој е дел од Коридорот 8, најверојатно алудирајќи на фактот што минатата влада која беше потписник на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д, во два наврати организираше прес-конференции на две точки каде што треба да поминуваат делниците.
Меџити рече и дека тие како Влада не снимаат рекламни спотови и дека за разлика од минатото кога ништо не се градело, сега се градела иднината.
„Градиме патишта за нашиот народ. Коридорот 8 е повеќе од пат. Тоа е европска артерија што ги поврзува Јадранот со Црното Море, го поврзува срцето на Балканот. Нашата стратешка одлука е јасна: Македонија ја завршува својата делница и ја носи Европа на Балканот, а Балканот – во Европа“,
рече Меџити.
Тој кажа и дека со овој проект се создаваат можности за да „си ги вратиме децата дома“, а изрази и благодарност до американската амбасадорка за поддршката.
„Не градиме само автопат – градиме доверба. Во исто време инвестираме во локални улици, канализациски и водоводни мрежи, училишта и амбуланти. Комбинацијата од државни и општински проекти значи дека секоја општина чувствува дека Владата е тука – со реални средства и реални резултати. Оваа година Македонија е едно големо градилиште. Од Кривопаланечко до Ресенско, од Тетовско до Долненско, од Дебарско, до Струмичко, каде и да одите, ќе наидете на сигнализација за градилиште. Тоа не е случајност, тоа е план“,
изјави Меџити.
Камен-темелник за изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од околу 18 километри беше поставен денеска, а се очекува, проектот вреден 90 милиони евра, да биде завршен за две години.
Проектот за изградба на автопатот Тетово-Гостивар, кој е дел од коридорот 8, опфаќа и изградба на девет натпатници од кои осум се за поврзување на локалните патишта со новопроектираниот паралелен пат, еден натпатник е за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште, додека за реконструкција на клучката за излез од Тетово ќе се користи постоечкиот натпатник.
На поставувањето на камен-темелникот беа присутни премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерите Александар Николоски и Изет Меџити, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, како и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер и претставник на компанијата „Бехтел и Енка“ и одговорен за проектот Џош Бејкер.
Денешниот настан беше повод за меѓусебни партиски препукувања помеѓу опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од „Бихаќска“ велат дека денешното поставување камен-темелник на делницата Тетово – Гостивар од коридорот 8 смета дека ја разоткрива целата хипокризија, дволичност и лицемерство на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, владејачката партија денес со гордост го промовира проектот со „Бехтел и Енка“, кој со месеци го оцрнуваше, го блокираше и го нарекуваше „историски криминал“.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека освен што СДСМ немале проекти за време на нивното владеење, и оние два или три кои биле започнати од нив, се коруптивни или заглавени и блокирани или и двете.