Настанот, се додава, предизвикува загриженост за безбедноста бидејќи земјата треба да биде домаќин на глобалните лидери на Г20
Маж се самоубил со бомба пред Врховниот суд на Бразил откако претходно се обидел да влезе во зградата, пренесува Ројтерс повикувајќи се на официјални извори. Настанот, се додава, предизвикува загриженост за безбедноста бидејќи земјата треба да биде домаќин на глобалните лидери на Г20.
Првата од двете експлозии одекнала на паркингот во близина на судската зграда, а втората експлозија неколку секунди подоцна пред зградата на судот, каде што било пронајдено телото на мажот.
Вицегувернерката на федералниот округ Селина Леао рекла дека првичните информации укажуваат на тоа дека човекот се самоубил со експлозив откако се обидел да влезе во Врховниот суд.
Леао се надева оти станува збор за индивидуален чин, но не може да биде сигурна, пренесува Ројтерс.
Полицијата соопшти дека не направила конечна идентификација на загинатиот маж бидејќи се соочиле со ризик од дополнителен експлозив на телото кој требало да биде отстранет од посебен тим.
Судиите на Врховниот суд што се наоѓале во зградата кога се случиле експлозиите биле евакуирани.