Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска од Битола порача дека подготовките за државната матура за оваа учебна година се во тек и полагањето ќе биде во законскиот рок, во јуни следната година.
Пандемијата, порача таа, не треба да предизвика застој во развојот на учениците.
„Би сакала да ги поттикнам учениците до крајот на ноември да изберат проектна задача во делот на матура којашто ќе се случува оваа година и, исто така, до крајот на наредниот месец да изберат предмети што ќе сакаат да ги полагаат за матура. Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици кои се нашата иднина. Токму затоа, согласно законските рокови, матурата ќе се извршува во текот на наредната година“,
нагласи Царовска.
Матура има во сите земји во регионот и во сите европски земји и овие завршни испити и покрај пандемијата се одржаа и минатата година и, според министерката, ние нема да бидеме исклучок оваа учебна година.
„Оваа година ќе треба да се случи и во нашата држава, заради тоа што не сакаме да бидеме исклучок по одредени негативни практики. Токму затоа матурата е навистина значајна за утврдување на знаењата, но исто така и за понатамошниот развој на нашите млади граѓани од кои очекуваме понатаму да ја водат државата и да го водат економскиот развој“,
изјави министерката.
Од МОН гарантираат дека во соработка со средношколците, со училиштата, наставниците и со здравствените власти ќе обезбедат успешно и безбедно полагање на матурските испити.