Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека воведувањето системски решенија за трансформација на примарната здравствена заштита (ПЗЗ) претставува основа на целиот здравствен систем
Повеќе ќе нема потреба од закажувања кај специјалист кои се во насока само да се препише терапија или да се направи одредена дијагностичка процедура. Сега матичните лекари ќе припишуваат повеќе лекови за контрола на крвниот притисок, повеќе лекови за контрола на масти кај дијабетичарите, повеќе лекови за контрола на астма и хоб, повеќе лекови за контрола на хипотиреодизмот, вели Мехмедовиќ

Матичните лекари ќе можат да ги препишуваат лековите кои досега ги препишуваа само лекарите специјалисти, а ќе можат да издаваат и соодветни упати за лаборатории за следење на пациентите со висок крвен притисок, со дијабетес, со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), астма и хипотироидизам. Ова се новините кои Министерство за здравство најави дека ќе бидат воведени во примарната здравствена заштита, со цел, како што беше кажано, приближување и поедноставување на услугата за сите пациенти.
„Главната порака е дека правиме децентрализација на системот, ги доближуваме услугите до граѓаните, до нивниот дом. Нема потреба од закажувања кај специјалист кои се во насока само да се препише терапија или да се направи одредена дијагностичка процедура. Сега матичните лекари ќе препишуваат повеќе лекови за контрола на крвниот притисок, повеќе лекови за контрола на масти кај дијабетичарите, повеќе лекови за контрола на астма и хоб, повеќе лекови за контрола на хипотиреодизмот. Во насока на тоа матичните лекари имаат поголеми ингеренции за дијагностика, можат да припишуваат упати за лабораторија со цел да го следат пациентот и можат да ги припишуваат лековите кои досега ги припишуваа лекарите специјалисти. Постојат два типа рецепти детерминирани во Фондот за здравствено осигурување. Едниот е Р, кој го препишува матичниот лекар, а вториот е РС кој го препишува лекар специјалист. Сега РС лекот ќе можат да го препишуваат матичните лекари. Истите протоколи што беа следени од специјалистите сега ќе бидат следени од матичните лекари, нема да изгубиме ништо од квалитетот на контрола во лекувањето на пациентите“,
вели Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите во примарната здравствена заштита.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека воведувањето на системски решенија за трансформација на примарната здравствена заштита (ПЗЗ) претставува основа на целиот здравствен систем.
Тој појасни дека трансформирањето на системот на ПЗЗ е во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем, со посебен фокус на хроничните заболувања, како и трансформација на здравствениот систем од дијагностичко ориентиран – во пациент центричен систем.

На овој начин, нагласи тој, се врши растоварување на секундарното и терцијарното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување хронична терапија.
„Паралелно со тоа ќе овозможиме поголем број лекари од општа пракса да имаат специјализација по семејна медицина, со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место – ЕКГ, ЕХО, доплер, спирометрија, проширен ЛУ1 пакет“,
појасни министерот.
Сите овие активности, рече тој, кои се дел од реформата на ПЗЗ, се реформска мерка и во програмата за економски реформи на Владата за периодот 2023-2025 година, а доставен е и предлог да влезат во новата стратегија на Светска банка за партнерство со нашата држава за периодот 2024-2028 година.
Меџити, одговарајќи на новинарско прашање, појасни дека одреден пациент од Крива Паланка, од Ресен или од Струга, кој треба да стане во пет часот наутро и да патува со возило, со автобус, да изгуби работен ден, тој што има постари родители и да дојде да потпише за терапија, таа конзилијарната терапија што се препишува само на терцијарно здравство, односно на Клинички центар, отсега натаму ќе се препишува кај фамилијарните доктори.
„Ова е една од првите големи промени што ќе се случат во примарната здравствена заштита. И понатаму ќе следат и другите сите промени. Воедно да кажам дека во примарната здравствената заштита еднаш засекогаш правиме децентрализација на здравство, тоа што не успеавме со општините, со локалната власт да го направиме индиректно, ние преку примарната здравствена заштита ќе направиме децентрализација тотално на цело здравство низ цела држава. И едно да ви е јасно и на целата јавност дека еднаш засекогаш работите во здравство ќе почнат да се решат кога ќе имаме добра основа, кога ќе ги имаме овие промени во примарната здравствена заштита“,
подвлече министерот.
Министерот, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека се работи на ажурирање на „Мој термин“.
„Имаме идеја и за тоа како да го направиме и работиме со тимовите и разговараме да може да се надополни, да се направи да се контролира и се да биде заедно и со фармацевтските компании и со аптеките и во секоја здравствена институција да знаеме точно и со еден клик да гледаме дали една ампула е дадена во Гевгелија или во Гостивар. Работиме што побрзо тоа да можеме да го сведеме на минимум чекањето за термини за било што, за дијагностика или за обични прегледи кај специјалисти“,
нагласи министерот.

Мехмедовиќ, зборувајќи за ПЗЗ, сега повеќе од кога било, рече дека матичниот лекар е сеопфатно едуциран и компетентен да се грижи за хроничното заболување, согласно упатства пропишани од експерти.
„Проширена е листата на лекови и лабораториски упати што може да ги препишува матичниот лекар. Медицинската сестра е целосно едуцирана за унапредување на вашето здравје и за превенција на болести. Тимот лекар и сестра на ниво на ПЗЗ знае точно што, каде и како треба да се направи за подобрување на здравјето. Тие го следат хроничното заболување и подобро го контролираат. Визијата за подобро здравство е, повеќе здравје поблиску до местото на живеење“,
нагласи тој.
Говорејќи за следни чекори, тој се осврна на обезбедување на специјализација по семејна медицина за лекари кои веќе работат како избрани лекари, надградба на софтверски модули во системот на „Мој термин“ за обрасци и модул за паметни упатувања кои преку е-клиничките упатства ќе помогнат при носење одлуки за услугите и ќе ја подобрат координацијата со секундарната здравствена заштита.
Мехмедовиќ рече дека се работи и на развој на систем за електронско закажување кај избран лекар, опремување на ординациите на избраните лекари со отоскоп, риноскоп, офталмоскоп, апарат за крвен притисок, стетоскоп, ЕКГ и инхалатор, опремување на избраните лекари групирани по тројца по региони со: спирометар и ЕХО, обезбедување финансиски средства за втора сестра или администратор и стимулација на избраните лекари кои се специјалисти по семејна медицина, изготвување на упатства за избраните лекари од примарната здравствена заштита за дополнителни пет заболувања, изготвување на упатства за избраните лекари по гинекологија, изготвување на упатства за избраните лекари педијатри.