Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендру Куомо, денеска изјави дека ќе нареди сите граѓани на оваа држава да носат заштитни маски или со облека да го покриваат лицето во јавноста за да се спречи ширењето на коронавирусот.
„Бизнис инсајдер“ пренесува дека уредбата стапува во сила од утре.
Куомо додаде дека втор ден по ред опаѓа бројот на пациенти во болниците заразени со коронавирус и нагласи дека здравствениот систем на оваа сојузна држава сега е стабилизиран до таа мера што може да дава респиратори на други држави, пренесоа британските медиуми
На ниво на САД, пак, бројот на починати и новозаразени лица на дневно ниво сè уште е голем. Втор ден по ред, јавува Ројтерс, тие забележаа трагичен рекорд по смртни случаи – во последните 24 часа се регистрирани 2 371 починати, со што вкупниот број на жртви се искачи на 30 800.
Бројот на заразени надмина 640 000, а речиси 50 000 пациенти оздравеле.
Првите случаи на заразата во САД беа пријавени на 29 февруари. За 38 дена бројот на жртви достигна 10 000, а само девет дена подоцна бројката се искачи над 30 000 луѓе.