Скопското Јавно претпријатие „Комунална хигиена“ апелира граѓаните соодветно да ги фрлаат искористените заштитни маски бидејќи, како што велат, се доведуваат до ризик нивните вработени.
Оттаму велат дека во изминатиов период се соочуваат со големо количество отпад од маски и ракавици кои граѓани ги фрлаат по јавни површини или несоодветно спакувани во садовите за комунален отпад.
„’Комунална хигиена’ – Скопје го третира отпадот од заштитна опрема како комунален отпад и граѓаните слободно смеат да го одлагаат во садовите поставени на јавни површини, без разлика дали станува збор за надземни и подземни контејнери или корпи за отпад. Но, апелираме до жителите на градот Скопје употребените заштитни маски да ги одлагаат правилно, да бидат совесни и соодветно да ги спакуваат, со цел да се заштити здравјето на вработените во претпријатието коишто секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран отпад и воедно да се намали ризикот од ширење на вирусот ковид-19“,
апелира директорот на „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.