Пораката на Маск е прва досега во која некој сопственик на социјална мрежа експлицитно дава поддржа за некоја американска политичка партија
Извршниот директор на Тесла и новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, ги повика Американците да гласаат за Републиканската партија на претстојните конгресни избори.
„На слободоумните гласачи: Поделбата на власта ги ограничува најлошите ексцеси на двете партии, затоа препорачувам да се гласа за републиканскиот конгрес, имајќи предвид дека претседателот е демократ“,
напиша Маск на Твитер.
Во САД утре се одржуваат среднорочни избори за Конгресот, на половина од претседателскиот мандат на Џо Бајден.
Пораката на Маск е прва досега во која некој сопственик на социјална мрежа експлицитно дава поддржа за некоја американска политичка партија. Меѓутоа, за милијардерот не е ништо ново во јавноста да излегува со политички пораки и ставови. Тој ја критикуваше администрацијата на Бајден и демократите за нивните планови да се оданочуваат милијардерите.
Маск, потсетуваат американските медиуми, веќе изјави дека ќе гласа за републиканците, но и дека ги поддржува „умерените“ од двете политички партии. Тој досега има изјавено и дека се стреми да го поддржи републиканскиот гувернер од Флорида, Рон Де Сантис, за претседателски кандидат во 2024 година. За поранешниот претседател Доналд Трамп, кој веќе најави дека планира да влезе во трка за уште еден мандат во Белата куќа, милијардерот рече дека бил премногу стар за повторно да биде претседател.