Претседателот на Синдикатот на машиновозачите на Македонија, Тони Димовски, најави дека железничкиот сообраќај попладнево ќе се нормализира и оти првиот патнички воз што ќе стартува е тој на релацијата Скопје – Гевгелија во 16.55 часот
Патничките и товарните возови од попладне повторно ќе сообраќаат, а бојкотот на машинскиот и извршниот персонал на „Железници транспорт“ заврши откако денеска им се исплатени материјалните трошоци за минатиот месец, што беше причина за прекинот на железничкиот сообраќај од вчера во 15 часот.
Ова за МИА го потврди Тони Димовски, претседател на Синдикатот на машиновозачите на Македонија.
Димовски изјави и дека добиле ветување од раководството на „Железници транспорт“ дека првиот дел од платата ќе им биде исплатен утре.
Тој најави дека железничкиот сообраќај ќе се нормализира и оти првиот патнички воз што ќе стартува е тој на релацијата Скопје – Гевгелија во 16.55 часот.
Раководството на „Железници транспорт“ вчера оцени дека прекинот на работата е незаконски, односно дека не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор, како и дека не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машиновозачите.
Машинскиот и извршниот персонал ја бојкотираше работата и во петокот минатата недела, барајќи исплата на материјалните трошоци.