Германија сериозно ја гледа евроспката перспектива на земјите во регионот, а особено тоа важи за Северна Македонија, која одамна ги има исполнето условите за пристапување во ЕУ, порача германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, кој истакна дека тие продолжуваат интензивно да го поддржуваат евроинтегративниот процес на земјава и за време на португлаското претседателтво.
„Минатата есен имавме вложено многу заложби да ја отвориме првата пристапна коференција, не успеа тоа, но сега за време на португлаското претседателство и понатаму работиме на тоа. Сметаме дека не само што има смисла, туку е и неопходно, имајки ја предвид довербата што граѓаните на С Македонија ја имаат во нас , но исто така интерес на ЕУ е што побрзо да се отвори пристапната конференција“
порача Мас.
Мас додаде и дека Германија е подготвена да помогне во решавање на спорните прашања меѓу Северна Макеоднија и Бугарија, но дека клучно е спорот да се реши билатерално.
„Минатата година имавме интензивни преговори со партнерите во Скопје и Софија и нудиме и понатаму поддршка со нашите искуства доколку тоа е посакувано од двете земји. Централно е дека овие прашања треба да се решат на билатерално ниво. Историчарите мора да ги водат преговорите во рамки на комисиите, без притисок од надвор“,
додаде Мас.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, по средбата со Мас, потенцира дека Северна Македонија има искрен и позитивен однос кон соседна Бугарија и изрази подготвеност да се навлезе во суштинска расправа за недоразбирањата кои како што рече, ја оптоваруваат довербата меѓу двете земји.
„Клучот е секако во договорот за пријатлество потпишан во 2017 меѓу двете земји, како прецизна политичка рамка за разрешување на било кои недоразбирања“.
изјави Османи.
Неуспехот на Советот на ЕУ да ја формализира одлуката минатата година останува наш предизвик за оваа година, додаде Османи.
„Јунските самити на ЕУ нудат неповторлива шанса да го направиме вистинскиот чекор – операционализација на одлуката за почеток на преговорите преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција како формален почеток на преговорите. Ваквиот чекор ќе упати неопходно охрабрување до цел регион и ќе го зацврсти кредибилетот на евроинтегративните процеси“
потенцира Османи.
Османи и Мас се согласни дека Северна Македонија и Албанија е подобро заедно да ги почнат преговорите со ЕУ.
„Емпириските податоци покажуваат дека кога државите се движат заедно во процесот, синергијата што се создава е е поголема од збирот на поединечното движење на државите. Сметаме дека С Макеоднија и Албанија ги имаат исполнето условите, треба да почнат преговори кои ќе дадат нова динамика на ЕУ перспективата на регионот. Ние веќе 11 пат добиваме препорака за почеток на преговорите“
додаде Османи.
Во однос на нон-пејперите Мас отфрли било каква вмешаност на Германија, оценувајќи ги како лажни вести со образложение дека тие не поддржуваат промени на границите на Западен Балкан.