Оттаму велат дека се одлучиле на овој чекор по реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија кое изрази сомнеж за оваа јавна набавка со објаснување дека на овој начин се прекршува мораториумот за огласување во медиуми, донесен во 2018 година
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ја поздрави одлуката на агенцијата „Елемент ПР“, потенцирајќи дека станува збор за позитивен пример кој треба да премине во пракса
Агенцијата „Елемент ПР“ доставила известување до Град Скопје за спогодбено прекинување на договорот со Градот. Оттаму велат дека се одлучиле на овој чекор по реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија коешто изрази сомнеж за оваа јавна набавка со објаснување дека на овој начин се прекршува мораториумот за огласување во медиуми, донесен во 2018 година.
„Како агенција што секојдневно соработува со медиумите и новинарите, целосно го почитуваме новинарството, кодексот и принципите на работа. Дел од тимот на агенцијата се поранешни новинари што е дополнителна причина за почитување на новинарскиот етички код и стандарди и зачувување на нашиот кредибилитет. На повикот се јавивме бидејќи истиот тој повик во истата форма бил спроведуван и претходните две години од Град Скопје, а вакви слични повици има и од други државни институции. Верувавме дека со нашето знаење и експертиза можеме да придонесеме за поголема информираност на граѓаните и транспарентност во работата на градската администрација. Агенцијата ‘Елемент ПР’ на пазарот опстојува 14 години и досега нашата работа е обележана со професионалност, принципиелност и отворена соработка. Без ниту една дамка во нашата работа, ќе продолжиме да создаваме дополнителна вредност за нашите клиенти и оние што секојдневно ни ја даваат својата доверба“,
наведуваат од агенцијата.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ја поздрави одлуката на агенцијата „Елемент ПР“ потенцирајќи дека станува збор за позитивен пример кој треба да премине во пракса.
„Да потсетиме, на 10 септември на интернет страницата на бирото за јавни набавки беше објавено дека градот Скопје предвидува да инвестира речиси 5 милиони денари за „Подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на градот Скопје” преку маркетинг агенција. По објавата, веднаш реагиравме со соопштение“,
посочуваат од Здружението.
Со ваквиот начин на финансирање на медиуми, според ЗНМ, Градот Скопје го прекршува мораториумот за забрана на јавни кампањи во приватни медиуми и директно го прекршува членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за забрана за рекламирање, како и Одлуката на Владата за забрана за рекламирање во традиционалните и онлајн медиуми од 2017 година.
Од ЗНМ ги повикуваат и останатите маркетинг-агенции кои на овој или сличен начин работат со општини или други државни институции да ја следат оваа пракса.