Исклучувањето на јавната е потребно за да се заштитат сведоците и нивниот приватен живот бидејќи се очекува да се изнесуваат лични интимни односи, односно детали од животот на семејствата на оштетените и затоа сметаме дека е потребна заштита на оштетените кои се во поголем број и кои досега биле подложни на говор на омраза преку интернет-порталот, побара обвинителката
Со полиција од затворот во Шуто Оризари во Скопје, утрово сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, беше спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје каде што седна на обвинителна клупа за повеќе кривични дела.

Новинарите, снимателите и фоторепортерите само кратко влегоа во судницата и направија фотографии и видеоинсерти, по што излегоа бидејќи обвинителката Зорица Павловиќ бараше јавноста да биде исклучена од причина што се работи за кривични дела против моралот и со цел да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи.
„Предлагам судот да ја исклучи јавноста од причини што се работи за кривични дека против моралот, а исклучувањето на јавната е потребно за да се заштити приватниот живот на оштетените и сведоците бидејќи се очекува да се изнесуваат лични интимни односи, односно детали од животот на семејствата на оштетените и затоа сметаме дека е потребна заштита на оштетените кои се во поголем број и кои досега биле подложни на говор на омраза преку интернет-порталот”,
рече обвинителката Зорица Павловиќ.
Судијката Марија Клетничка-Марковска го прифати барањето и ја исклучи јавноста, па во судница останаа само странките, оштетените и стручните набљудувачи од Коалицијата „Сите за правично судење“ и ОБСЕ.
Предметот за Стаменковски беше отворен по кривични пријави што ги поднеле лица кои биле жртви на текстовите објавени на неговиот портал преку кои се ширела омраза, ксенофибичен и расистички материјал, како и лице кое било уценувано да му даде пари или ќе објави информации со кои ќе му го наруши угледот.
Исто така, опфатена е и пријава од една телевизија бидејќи објавувал содржини за кои медиумот имал ексклузивни права.
Обвинението за кое денеска почнува судскиот процес опфаќа неколку кривични дела и тоа: две за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Во врска со делата ширење расистички и ксенофобичен материјал, според обвинението, тој се товари дека едното ги направил со објавување текстови за двајца свештеници и за две новинарки. ОЈО Скопје наведе дека во текстовите за свештениците било наведувано дека тие се поврзани со домашни и странски тајни служби и се упатувале заканувачки зборови со кои се поттикнувал народот да ги протера од манастирот во кој тие служеле.
Другото, пак, е поврзано со навредливи текстови за две новинарки чија цел, според пријавата, била тие да се заплашат и да не објавуваат текстови во медиумот каде работат.
За делото уцена, според информациите од ОЈО Скопје, оштетено лице било контактирано од Стаменковски кој го повикал на средба за му побара пари во замена да не објавува приватни фотографии и информации за него. Оштетениот одбил средба, па на порталот „Доказ“ биле објавени повеќе текстови за жртвата.
За пиратерија на аудивизуелно дело, пак, тој се гони врз основа на пријава од телевизија која имала ексклузивни права за одредена содржина која обвинетиот ја објавувал на својот портал и овозможил нејзино неограничено прикажување.
Во целиот овој случај, ОЈО Скопје наведе дека е вмешана и една истражителка од МВР која била ангажирана во обвинителскиот Истражен центар. Тој контактирал со неа и се обидувал да дознае информации за предмети по кои се постапува вклучително и за неговиот. Од приватната комуникација со истражителката, тој објавувал лични податоци и фотографии за четворица други истражители ангажирани во ОЈО Скопје поради што сега се товари и за делото злоупотреба на лични податоци.
Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари. Надлежните се сомневаат дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела, па не се исклучува можноста да има продолжение на овој случај.