Стаменковски кажа дека во 2011 бил член на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка, донирал сокови и други материјални добра, но прашањата за неговите сознанија за уплаќање пари не добија одговори докрај бидејќи откако неколкупати бараше, судијата одлучи да го прекине сослушувањето поради лошата здравствена состојба

Марјан Стаменковски од парапорталот „Доказ“, каде што објавуваше клеветнички и навредливи текстови, за што и правосилно е осуден на затворска казна, денеска во Основниот кривичен суд Скопје беше спроведен од полицијата, но во улога на сведок.
Тој се наоѓа на листата сведоци кои обвинителството ги предлага во предметот „Талир 1“ што се однесува на финансирањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој едвај одговори на неколку прашања на обвинителот Љубомир Лапе и неколкупати побара да не биде сослушуван денеска бидејќи од утрово е на испитувања во Клиничкиот центар и е под седативи.
Кратко по неговото сведочење, судијата Осман Шабани, кој е на чело на судечкиот совет во „Талир 1“, одлучи да го прекине сослушувањето и тоа да продолжи на следното рочиште.
Од она што Стаменковски успеа да го каже пред судот е дека во 2011 година бил член на Општинскиот комитет во неговата родна Крива Паланка.
Пари, тврдеше, тој лично не уплаќал на партијата, но донирал материјални добра, меѓу кои и сокови, од продавницата што тогаш ја поседувал.
За разлика од неговото сведочење во поранешното СЈО, денеска тој за дел од работите рече дека не се сеќава повторувајќи дека не е во добра здравствена состојба.
„Не можам да се сетам. Ако ми дозволите друг пат да сведочам“,
одговори Стаменковски на прашање од обвинителот, што друго му е познато во врска со парични средства на име донација во изборен период.
Иако денеска останаа неодговорени, од дел од прашањата што му беа упатени на сведокот може да се претпостави во која насока бил исказот што го дал во текот на истрагата пред СЈО, а за кој обвинителот во еден момент го праша и дали пред денешното рочиште успеал да прочита што кажал во него.
Едно од прашањата до Стаменковски беше „дали му е познато дека некој на тогашниот градоначалник на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, му давал пари кои требало да бидат уплатени во банка“.
„Не знам. Не бев тогаш и ден-денеска не сум во добри односи со него“,
зборуваше Стаменковски.
Дали може да препознае некој од присутните во судницата, односно обвинетите како лице кое му давало пари на ексградоначалникот, беше уште едно од упатените прашања.
Откако судијата Шабани го прекина сведочењето, рочиштето продолжи со сослушување на други сведоци. Меѓу нив, скопјанка сведочеше дека неколкупати во нејзино и име на мајка ѝ уплаќала пари како донација за ВМРО-ДПМНЕ, а најголемата сума била 30 000 денари.
Обвинителот ѝ покажа две уплатници од нејзино име. Едната од 20 000 денари, за која скопјанката потврди ја уплатила. Другата, пак, беше во износ од 60 000 денари, односно двојно повисока од максималната сума што некогаш ја уплатила.
„Податоците во уплатницата се точни – адресата и личните податоци, но уплатницата не ми е позната. Ракописот не е мој“,
сведочеше скопјанката.
Во предметот „Талир 1“, првообвинет е поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство за делата злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари. За истите две кривични дела се гонат и поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски и ексминистерот Миле Јанакиески.
Во истиот процес Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за перење пари. Само за ова дело беше обвинета и Елизабета Чингаровска, но таа призна вина.
За перење пари како правно лице е обвинета и партијата ВМРО-ДПМНЕ.