Таа вели дека нема големи надежи дека нејзината жалба ќе биде разгледана пред изборите

Француската политичарка и претседателка на партијата Национален собир, Марин Ле Пен, која вчера беше прогласена за виновна во случајот за проневера на пари од европски фондови за финансирање на нејзината крајнодесничарска партија, синоќа во телевизиско интервју рече дека ќе ги следи сите правни патишта што може за да спречи нејзина елиминација.
„Нема да дозволам да бидам елиминирана вака. Ќе ги следам сите правни патишта што можам“,
рече таа за телевизијата ТФ 1, пишува „Гардијан“.
Таа во интервјуто додава оти нема лесно да дозволи негирање на демократијата, нагласувајќи дека не направила ништо лошо.
„Ќе се жалам затоа што сум невина“,
рече таа.
Овој случај, како што пишуваат странските медиуми, може да доведе до тоа да и биде забрането да се кандидира на претседателските избори во 2027 година.
Таа нагласи дека нема големи надежи дека нејзината жалба ќе биде разгледана пред изборите.
Според неа, забраната е „политичка одлука“.
„Да бидеме искрени, јас бев елиминирана, но вистината е дека елиминирани беа и гласовите на милиони Французи“,
изјави Ле Пен за францускиот ТФ 1.
Доколку нејзината жалба не успее, 29-годишниот лидер на Национален собир, Жордан Бардела, може да биде нејзин кандидат за претседател.
Тој вчера ги повика симпатизерите на партијата да се мобилизираат и мирно за да покажат дека волјата на народот е посилна.
„Денес не е неправедно осудена само Марин Ле Пен: француската демократија беше убиена“,
вели Бардела.
Заедно со Ле Пен, судот во Париз ги прогласи за виновни и уште осум пратеници од нејзината партија.
Ле Пен е прогласена за виновна за проневера на 474 илјади евра поради фиктивно вработување на четворица партиски помошници.
Марин Ле Пен заедно со уште 24 други функционери од нејзината партија се обвинети дека пренасочиле повеќе од три милиони евра од средствата на Европскиот парламент за да ги платат ангажираните асистенти кои работеле во партијата во период од 2004 до 2016 година.
Обвинетите тврдеа дека парите биле користени легално.
Обвинителството бараше петгодишна затворска казна за неа, од кои две години затвор, а три години условна казна, кои можат да се пренаменат во општокорисна работа, како и парична казна од 300 илјади евра.
Побарано е и во случај на осуда, веднаш да и се забрани пет години да извршува јавна функција.
Забраната за кандидирање за јавна функција, која трае пет години, беше наредено да стапи во сила веднаш, што значи дека ќе се применува иако Ле Пен (56) се жали на пресудата.
Ниту затворската казна ниту паричната казна нема да се применуваат додека не се исцрпат нејзините жалби, процес кој може да трае со години.
Во првиот ред на судот, Ле Пен не покажа веднаш реакција кога судијата ја прогласи за виновна. Но, таа стана повозбудена и одмавна со главата во несогласување бидејќи судијата рече дека нејзината партија незаконски користела европски фондови за своја корист.
Во еден момент, Ле Пен шепна: „Неверојатно“. Таа потоа ненадејно си заминала без предупредување, пред да ѝ биде изречена казната.
Пред пресудата во понеделникот, таа ја сметаше претседателската трка во 2027 година како нејзина најдобра шанса да добие повеќе терен на антиимиграциската платформа, додека нејзините противници ја напаѓаа политичката платформа на нејзината партија како расистичка, ксенофобична и антиисламска.
Пресудата на француски суд против Марин Ле Пен ги разбесни крајнодесните популисти низ Европа, а реакција за одлуката на судот и поддршка за десничарската популистика стигна и од Кремљ. Освен од лидерите на крајнодесничарските партии во Франција, одлуката на судот ја критикуваа и нејзините поддржувачи од други европски држави, меѓу кои унгарскиот премиер Виктор Орбан.