Истовремено, на денешната владина седница на нова функција е именуван уште еден од сега веќе поранешните портпароли на ВМРО-ДПМНЕ. Наум Стоилковски е именуван за советник за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли
Досегашната гласноговорничка и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, и поранешната новинарка и задолжена за односи со јавноста на градоначалникот на Општина Чаир, Венера Љатифи Азизи, се портпаролките на новата влада.

Тие на оваа функција се избрани на денешната 25. седница на Владата, соопштија од Илинденска број 2.
Инаку, изборот на портпаролките на Владата предводена од Христијан Мицкоски се случува по повеќе од три месеци, односно 100 дена од нејзиното формирање и беше едно од актуелните прашања кои кадри ќе бидат ангажирани на оваа позиција.
Истовремено, на денешната владина седница на нова функција е именуван уште еден од сега веќе поранешните портпароли на ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, Наум Стоилковски е именуван за советник за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли.
Инаку, Марија Митева на позицијата портпаролка на Владата доаѓа од пратеничката функција, на која беше избрана на парламентарните избори на 8 мај.
Во изјава за „360 степени“, Митева потврди дека денеска до собраниската архива ја доставила својата оставка како пратеник и дека на нејзино место во собраниските клупи ќе седне следната од изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од првата изборна единица, а тоа е Катерина Крстевска од Општина Аеродром.
„Позицијата пратеник е неспоива со која било друга функција, поради што јас денеска во архивата на Собранието ја поднесов мојата оставка“,
ни изјави Митева.
Таа за својата нова функција информира и преку објава на социјалните мрежи, каде што, меѓу другото, му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски за укажаната доверба.
„Го прифатив овој предизвик затоа што верувам дека е позиција која ќе ми овозможи дополнително да им служам на граѓаните и на нашата држава“,
напиша Митева на Фејсбук.
Марија Митева, како што стои во нејзината биографија што денеска во соопштение ја споделија од Владата, е по професија дипломиран правник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Правен факултет „Јустинијан Први“. Таа е магистер по деловно право и има положено правосуден испит.
„На професионален план, Марија поседува богато работно искуство во правната и политичката сфера, со повеќе од 10 години прогресивно работно искуство. Нејзината професионална историја вклучува позиции како советник за правни работи во Владата, како и советник за нормативни работи во Град Скопје. Во изминативе години активно се занимава со политика, што резултираше со нејзин избор за пратеник во Собранието каде што беше вклучена во креирањето и разгледувањето на значајни закони и политички одлуки кои влијаат на иднината на државата“,
се вели во соопштението.
Во биографијата се наведени и делови од нејзиното неформално образование, кое вклучува многубројни доедукации и обуки во рамките на домашни и странски проекти, меѓу кои и дел организирани од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Националниот демократски институт (НДИ).
Нејзината колешка на позицијата портпарол на Владата, Венера Љатифи Азизи е поранешна уредничка и новинарка во Радио Слободна Европа во Прага. Уредничката функција ја вршела и во државната новинска агенција МИА, во Алсат М Телевизија, весникот „Коха“, изгаснатата А1 Телевизија и други медиуми во земјата.
Љатифи Азизи, како што информираат од Владата, доаѓа од кабинетот на градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, каде што досега била вработена како одговорно лице за односи со јавноста и за поддршка на градоначалникот.
Таа е дипломиран политиколог на Универзитетот на Југоисточна Европа.
„Актуелно е магистранд по дипломатија и меѓународни односи на тема ‘Улогата на дипломатските претставништва и евроатланските интеграции на Северна Македонија’. Мажена, мајка на две деца“,
се вели во соопштението за нејзината биографија.
Советникот за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли, Наум Стоилковски, според професионалните квалификации е дипломиран новинар на Правниот факултетот „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).

„Стоилковски има повеќедецениска долга и плодна медиумска и новинарска кариера во домашни и странски медиуми, каде што професионално се надградува и извршува повеќе функции во медиумската сфера. Во неговата кариера работел во пишани медиуми, дневни весници, неделници, работел како ТВ-новинар, уредник на вести, продуцент, уредник и водител на ТВ и радио емисии, како и на современите интернет медиумски содржини. Оженет, татко на две деца“,
се вели во неговата биографија.