Во врска со одложеното дејство на уставните амандмани, што е едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ изнесени на лидерската со Ковачевски, односно тие да важат откако ќе почне ратификацијата на пристапните протоколи од страна на замијте членки на ЕУ, Маричиќ вели дека таквото барање произлегува од преговарачката рамка и нè враќа повторно на преговарачка маса и со Европската Унија и со Бугарија. Но, за сите други прашања околу формулата дали би влегле во широка влада, кога, под кои услови, со кого, сето тоа е вредно да се разговара доколку помага во ставот на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени, вели вицепремиерот за европски прашања во интервју за Македонското радио
Вредни за разгледување се сите барања, очекувања или услови кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги изнесе на лидерската средба со премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и кои, како што нагласува вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за Македонското радио, се движат односно се придржуваат до преговарачката рамка со Европската Унија, пренесува МИА.

Вицепремиерот за европски прашања оценува дека е добро што започнал дијалогот и што се премина „таа линија на табу околу гласањето, односно околу поддршката за внесување на Бугарите во Преамбулата и во нашиот Устав“.
„И не само Бугарите, туку сите оние заедници, и Словенците, Хрватите, Црногорците и сите оние што би требало да бидат спомнати во Преамбулата. Добро е што се премина таа линија и дека не е повеќе табу да се гласа за уставните измени. Од друга страна, сите барања или сите очекувања или услови на господинот Мицкоски се вредни за разгледување, оние што имаат втемеленост во реалноста, односно оние што се движат во преговарачката рамка“,
вели Маричиќ во интервјуто.
Во врска со одложеното дејство на уставните амандмани, што е едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ изнесени на лидерската со Ковачевски, односно тие да важат откако ќе почне ратификацијата на пристапните протоколи од страна на замијте членки на ЕУ, Маричиќ вели дека таквото барање произлегува од преговарачката рамка и нè враќа повторно на преговарачка маса и со Европската Унија и со Бугарија.
„Тоа секако значи враќање многу чекори назад и мислам дека тоа не ни треба, но за сите други прашања околу формулата дали би влегле во широка влада – кога, под кои услови, со кого, сето тоа е вредно да се разговара доколку тоа помага во ставот на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени“,
вели вицепремиерот Маричиќ.
Тој ги сумираше пораките од „Преспа форумот за дијалог“, кој минатата недела се одржа во Струга, наведувајќи дека општиот заклучок од дискусиите е дека е потребен напор од двете страни за да, како што вели, успееме во 2030 година да го оствариме членството на С Македонија во Европската Унија.
„Имавме многу квалитетни дискусии и сметам дека од сите тие дискусии може да се заклучи дека апсолутно е возможна мисија зачленувањето на државите од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година, но секако не е гарантирано. Треба да се одработи, треба да се исцрта патот и од ЕУ и од државите на Западен Балкан. Потребни се секако оние неопходни реформи за коишто сите знаеме, потребно е да се стават под извесен вид на контрола, односно патека, билатералните спорови во регионот, бидејќи ги има повеќе и потребно е ЕУ од своја страна да овозможи и повеќе средства достапни на државите од Западен Балкан, но и јасен план за членство“,
вели вицепремиерот за европски прашања.
Тој нагласува дека патот на земјава кон ЕУ е специфичен и уникатен имајќи ги предвид билатералните спорови со дел од соседните земји, но вели дека пораките што доаѓаат од повеќе страни е дека Северна Македонија заслужува да ги продолжи преговорите што ги започна минатата година и во најкус можен рок да ги заврши.
Во тој контекст тој ја наведе неодамна усвоената резолуција од страна на германскиот Бундестаг, чија намера е, како што вели, да се даде видлива и јасна поддршка евроинтеграцискиот пат на С Македонија и да се испрати јасна порака до Македонците и граѓаните на Северна Македонија дека Германија стои зад нас и дека не постојат опасности по нашиот идентитет и јазик и по сите наши обележја во текот на преговорите со ЕУ.
„Мислам дека таа порака покрај Германија ја испратија јасно и сите други претставници. Така што, за нас имаше зборови на силна поддршка и поттик да се завршат сите обврски за да продолжиме успешно со преговорите“,
вели Маричиќ.
Коментирајќи ја резолуцијата на Бундестагот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека резолуција е степен подолу и дека кога сестринската партија ЦДУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел била на власт во Германија имало многу посилна резолуција и многу подобар предлог.
Оптимизмот на власта за членство на С Македонија во ЕУ до 2030 година не го дели и поранешниот претседател на државата и премиер Бранко Црвенковски. Тој денеска на настан организирана од Советот на амбасадори го критикуваше бавниот процес на евроинтеграциите на Западен Балкан.
Според Црвенковски, потребна е нова стратегија за евроинтеграциите и во тој контекст тој на настанот промовираше иницијатива која значи регионот да побара од Брисел пристап до заедничкиот пазар и европските фондови.
Поранешниот претседател на настанот презентира два начина како да се постигне оваа цел. Едната, рече, е да се искористи постојната Европска економска област.
Втора варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во европската економска област, а истовремено би се овозможил и пристап до европските фондови, според него, е доколку ЕУ истовремено потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан и со него би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.
