Говорејќи за извештајот за напредокот на С Македонија кој помина во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), но допрва треба да биде изгласан на пленарна седница на ЕП, Маричиќ вели дека повторно отвораме прашања со кои ги враќаме идентитетските прашања на маса
Сè додека го имаме Францускиот предлог ние треба да се чувствуваме безбедно во однос на јазикот и идентитетот. Ако влеземе во дискусија дали е многувековен или современ, ваков или онаков – тоа е на наша штета. Ние треба да инсистираме да стои само македонски јазик и ништо друго, вели поранешниот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ.

Говорејќи за извештајот за напредокот на С Македонија кој помина во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), но допрва треба да биде изгласан на пленарна седница на ЕП, Маричиќ во вечерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5 рече дека ваквите иницијативи се добредојдени ако водат до некоја повисока цел, но можат да завршат и на штета на Македонија.
Тој се осврна на амандманот што бугарските европратеници најавија дека ќе го поднесат и на пленарната седница пред македонски јазик во извештајот да стои придавката „модерен“.
„Јас мислам дека на крајот може да излезе дека е еден експеримент кој ќе заврши на штета на Македонија. Се надевам дека нема да се усвојат оние амандмани што ги предлагаат бугарските европратеници од сите групи и дека тоа ќе биде спречено и треба сите да се ангажираме да биде спречено“,
рече Маричиќ.
Во таа насока тој рече дека, според него, самите отвораме прашања со кои ги враќаме идентитетските прашања на маса.
Според Маричиќ, во Преговарачката рамка јасно пишува македонски јазик и тоа прашање, како што вели, е затворено.
„Зошто мислите дека во овој момент е посилен извештајот, резолуцијата на Европскиот парламент од тоа што го имаме во Преговарачката рамка. Ние во нашиот седумгодишен мандат не сме дозволувале да се дискутира за било какви придавки на македонскиот јазик“,
кажа Маричиќ.
Говорејќи во тој контекст поранешниот вицепремиер за европски прашања потсети дека последниот извештај за напредок на С Македонија во Европскиот парламнет бил во 2022 година, додека оној во 2023 подготвен од тогашниот известувач за земјава во ЕП, Илхан Ќучук, не бил изгласан бидејќи бил, како што кажа, пробугарски напишан.
„Во 2023 година беше еден деликатен период кога во Бугарија се чекаше да се формира влада и мислам дека Илхан Ќучук учествуваше во тој процес, меѓутоа во тој период тој напиша еден извештај кој беше прилично едностран, пробугарски и ние кога го видовме тоа се обидовме да разговараме со европратеници од нашата група, од групата на социјалисти и демократи да помогнат тоа да не се изгласа. И заедничката акција со дел од пратениците, не сакам да ги именувам за да не ги прозиваат во Европскиот парламент, меѓутоа дел од таа група на социјалисти и демократи и дел од другите групи, вклучувајќи ја и Европската народна партија изреагираа и не се донесе никаков извештај. И ние изразивме став дека е подобро да нема никаков извештај, отколку да има таков извештај таков каков што беше“,
рече Маричиќ во интервјуто.
Според него, нам не ни треба извештај во кој пред македонски јазик ќе се додаде „современ“ или каква било друга придавка до јазикот и идентитетот.
„Ние сме се избориле за тоа во Преговарачката рамка. Па вие знаете што бараше Бугарија да има во Преговарачката рамка, да пишува македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија и да има некакви фусноти и додавки, но ние воопшто не сакавме на таа тема да разговараме. Тоа прашање е затворено. Ако во било која варијанта има расположение да се додаде нешто на македонски јазик подобро е да нема никаков извештај. Затоа сметам дека ние тука не треба да бегаме од Францускиот предлог. Нашата влада, државата не треба да бега од Францускиот предлог, треба да го искористи како аргумент пред европските институции и теренот на дискусија повторно да го префрли на малцинските прашања“,
рече Маричиќ.
За потсетување, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) пред два дена го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц во кој на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Пред гласањето, бугарските европратеници заедно со европратеници на германската демохристијанска ЦДУ поднесоа неколку амандмани со кои сакаа пред македонскиот јазик да биде вметнат зборот „модерен“. Откако Комитетот ги одби тие амандмани, тие најавија дека ќе ги поднесат на пленарната седница на Европскиот парламент, од 7-10 јули, кога треба да се усвои извештајот.