Потребен е посебен закон за Уставниот суд, кој ќе ги уредува статусот, положбата, правата и обврските на судиите и нивниот материјален статус, оценува министерот за правда Бојан Маричиќ. На дебата за уставното судство во С Македонија, Маричиќ истакна дека, за да може да се постигне повисок степен на ефикасност при работењето, потребно е да се овозможи поголема финансиска и административна независност за непречено функционирање на Уставниот суд.
„Во таа насока е и мислењето на Венецијанска комисија, која е на став дека би било корисно да се донесе посебен закон за Уставниот суд, со кој би се уредиле прашањата што се однесуваат на статусот на уставните судии, основните услови за поведување на постапка пред Уставен суд и правно дејство од пресудите на Уставниот суд“,
порача Маричиќ.
Во случај на отсуство на политичка волја за донесување закон за Уставниот суд, прашањето за платите, додатоците на плати и надоместоците, според министерот, може да се реши со нов закон за платите во правосудниот сектор, кој ќе се однесува на платите на уставните судии, редовните судии, јавните обвинители, како и прашањето за статусот на службениците во судовите. Најавената реформа за дигитализација на судството, ќе го опфати и Уставниот суд, вели Маричиќ.
„Модернизацијата на овој суд е предвидена за 2022 година, во втората фаза од дигитализацијата, и таа ќе опфати интегриран информациски систем за потребите на Уставниот суд. За непречено функционирање на Уставниот суд, се надевам дека во наредниот период Собранието ќе ја исполни својата уставна надлежност да ги избере судиите на Уставниот суд, за да може судот да ја врши својата должност на чувар на уставноста и законитоста во државата“,
додаде Маричиќ.
Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, порача дека е неопходно да се обезбеди функционална, буџетска и административна независниот на Уставниот суд, без кои, како што рече, не може да се говори за негова објективна независност.
„Кај сите судии постои свест за предусловите кои треба да се исполнат за целосна независност и самостојност на Судот, но и унапредување на работата на самата институција, за што се направени наши опширни анализи и подготвени соодветни нормативни решенија, вклучувајќи измени и дополнувања на Деловникот, но и нацрт-законски решенија кои се доставени до претставниците на извршната власт. Се разбира, патот до крајната цел е долг и полн со препреки. Но, она што е битното е дека се познати проблемите, целите кои треба да се постигнат, но и начините како да се остварат истите“,
изјави Мурати.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во обраќањето на собирот нагласи дека членството во ЕУ ќе овозможи во земјите во регионот да се воспостават силни државни институции, а не владеење на моќни лидери.
Коп потенцира дека владеењето на правото е основа на сите модерни демократии, заедно со почитувањето на човековите права и еднаквоста на сите граѓани пред институциите, па токму затоа неопходна е изградба на доверба на граѓаните во судскиот систем. Таа доверба, според него, ќе влијае на поттикнување и на економскиот развој и просперитет и тоа ќе придонесе за стабилноста на државата.