„Ни останува завршувањето на клучната обврска, усвојувањето на уставните измени, што е одговорност на секој од нас, на секоја политичка партија и на секој пратеник“, порача вицепремиерот на денешната прес-конференција на која направи рекапитулација на најважните теми според динамиката за 2023 и го истакна успешното реализирање на скрининг процесот
Ако 2023 година беше година на успешен скрининг, 2024 година треба да биде година на обновен политички консензус за европска интеграција, политички консензус не заради партиските придобивки, туку заради остварување на стратегиската цел и заедничката иднина, а тоа е Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата, на која направи рекапитулација на најважните теми според динамиката за 2023 и го истакна успешното реализирање на скрининг процесот.

Маричиќ на прес-конференцијата даде преглед на активностите кои досега се преземени на патот на членството во ЕУ, наведувајќи дека согласно обврските патоказите и акцискиот план се усвоени вчера на владина седница, а денеска официјално ќе бидат доставени до ЕУ, но додаде дека останува обврската од Преговарачката рамка за усвојување на уставните измени, што, како што рече, е обврска на секоја партија и пратеник.
„Мерките предвидени во патоказите имаат за цел департизирана, ефикасна, ефективна и одговорна јавна администрација, која креира високо квалитетни политики и лесно достапни услуги за граѓаните и деловните субјекти, политики засновани на европските принципи и практики, со кои се вреднува и се придонесува за одржлив економскиот раст, владеење на правото, зајакнување на независноста на правосудниот и обвинителскиот систем, ефикасна борба против организираниот криминал и корупција, со обезбедување социјална кохезија и благосостојба за граѓаните“,
изјави Маричиќ.
Она што недостига, а што не може да се избегне, како што посочи Маричиќ, се уставните измени.
„Ние сме подготвени за следната фаза, за која е неопходно завршување на обврските од Преговарачката рамка, која ја усвоиме на 19 јули 2022 година. И покрај двата патокази и акцискиот план кои ги споменав, кои денеска ќе ги доставиме до ЕК и до шпанското претседателство. Ни останува завршувањето на клучната обврска, усвојувањето на уставните измени, што е одговорност на секој од нас, на секоја политичка партија и на секој пратеник“,
порача Маричиќ.
Тој нагласи дека стратегијата, според која треба да чекаме сто години е стратегија на безнадежност и стратегија за празнење на државата од млади луѓе и од стручни луѓе кои својата иднина ја гледаат во ЕУ.
„Тоа е стратегија во која единствена шанса на македонскиот граѓанин да стане дел од ЕУ е да извади пасош на друга држава. Ние таа стратегија не ја прифаќаме и веруваме дека мнозинството граѓани веруваат во стратегијата Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030“,
изјави тој.
Вицепремиерот за европски прашања додаде дека целта е да не се пропушти позитивниот момент на залагање на земјите-членки за проширување на ЕУ и да поентираме во наша полза, додавајќи дека со приклучување на земјите од Западен Балкан, ЕУ ќе затвори важно геополитичко прашање.
И покрај силната пропаганда и дезинформациите поврзани со францускиот предлог и со уставните измени, како што рече вицепремиерот, видовме дека тие нема да му наштетат на концептот на мултиетничко општество содржан во Уставот.
Со нивното усвојување, додаде тој, во исто време ќе добиеме пристап кон нови европски фондови и кон отворање на поглавјата кои ќе ни донесат реформи по европски стандарди.
„Затоа е важно да ја преземеме одговорноста, да се покажеме достојни на предизвикот за да го направиме новиот чекор за поблиску до евроинтеграцијата. Да постигнеме политички консензус за ова прашање, не заради партиските придобивки, туку заради заедничката иднина – заедно во државата до целта за да бидеме заедно и еднакви со другите во Европската Унија. Уставните измени се влог за нашата иднина, без да изгубиме ништо. Напротив, ја прави европската перспектива на земјата реална и остварлива“,
порача Маричиќ.
Според него, треба да бидеме дел од семејството на европското заедништво, солидарноста и економскиот напредок.
„Да ги искористиме достапните и понудени фондовите на Европската Унија за реформи според европски стандарди. Исправени сме пред шанса која што мораме да ја искористиме без дилема. Без грижи и без страв, туку со уверување дека и тоа ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните“,
заклучува вицепремиерот.