Министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање изјави дека има „политичари кои сакаат да ја блокираат државата“ кои, како што рече, „давале концесии преку кои добиле акции во странски компании“
Основно прашање на оваа кампања и на битката што ја водиме во општеството е каде сакаме Северна Македонија да припаѓа: дали сакаме да припаѓа на овој најголем мировен политички и економски проект (ЕУ), дали сакаме да припаѓаме на економското чудо или сакаме да веруваме во алтернативни приказни во кои многу малку луѓе веруваат од кои баш никој нема видено придобивки, истакна вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на трибината „ЕУ за македонската економија“ со која денеска во Скопје започна владината кампања „Ние сме Европа“.
„Република Северна Македонија без дилеми припаѓа во Европската Унија. Нашите граѓани без дилеми сакаат да бидат дел од Европската Унија. Нашето економско чудо, нашиот политички развој и нашиот мировен проект е можен само во ЕУ“,
истакна Маричиќ.
Заедничкиот пазар на ЕУ, како што кажа вицепремиерот, е нашата единствена шанса за развој, комплетирање на нашиот мозаик е возможен и остварлив само преку ЕУ.
„Ако сега користиме една милијарда евра преку ИПА проектите за 15 години, кога ќе бидеме држава членка на ЕУ ќе користиме од кохезивните и структурните реформи една милијарда годишно. Тоа е огромна разлика“,
рече Маричиќ.
Министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање изјави дека има „политичари кои сакаат да ја блокираат државата“ кои, како што рече, „давале концесии преку кои добиле акции во странски компании“.
„А тие компании каде што тие се акционери денес се сведоци против државата и тие мислам дека не треба да ја имаат поддршката од нашите граѓани. Затоа што освен што ја краделе државата додека владееле и биле министри, сега сакаат да добијат дополнително и отштета што би требало да ја плаќаат нашите граѓани“,
рече министерот.
Тој додаде дека името нема да го каже и дека треба, како што рече, „да го барате во Белата палата“.
„Министер од ВМРО-ДПМНЕ, а името ќе го кажеме за неколку месеци откако ќе заврши судската постапка“,
додаде Бектеши.
На трибината се обрати и амбасадорот на Кралството Шпанија Хозе Луиз Лозано Гарсија кој го пренесе искуството на неговата земја во пристапувањето на Европската Унија.
„Влезот на Шпанија во ЕУ за земјата значеше главно отварање и модернизација на шпанската економија, што доведе до поголема буџетска стабилност и претставува поттик за преземање на одредени структурни реформи. Членството во овој клуб нуди гаранција за мир, за стабилност и за безбедност“,
рече шпанскиот амбасадор.
На трибината вечерва во Скопје зборуваа премиерот Димитар Ковачевски, Благица Петрески од Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“, како и Ирена Јакимовска од компанијата „Комфи Ангел“.
Со овој настан официјално започнува кампањата „Ние сме Европа“. Таа ќе се реализира во осум градови низ државата. Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и во Штип. Ќе се има конкретна тематска област, односно економија, култура, енергетика, туризам, земјоделие, млади, инфраструктура и социјална политика.