На оцената на вицепремиерот оти ВМРО-ДПМНЕ е блокатор на државата, во меѓувреме реагираа и од опозициската партија. Оценија дека со актуелната власт ЕУ е далечна желба наместо реалност, а европската агенда е блокирана поради криминалот и корупцијата и обидот за наметнување на, како што велат, бугарски диктат
Нашата блокада има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ обвинувајќи ја опозициската партија и нејзините пратеници оти ја блокираат државата на нејзиниот пат кон Европската Унија со одлуката да не ги поддржат уставните измени.
Вицепремиерот оцени дека во моментов нема изгледи за промена на Уставот, но дека до последниот ден од актуелниот парламентарен состав ќе се разговара со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за да се убедат да гласаат за уставните измени и, како што рече, да не ја блокираат сопствената држава.
Прашан за очекувањата од претстојниот Самит на ЕУ, Маричиќ вели дека се очекуваат охрабрувачки пораки, но не и нешто спротивно од Преговарачката рамка и она на што земјава се има обврзано од минатата година.
„Ние очекуваме да има охрабрувачки пораки, но секако, не можеме да очекуваме да се случи нешто спротивно од она што е напишано во Преговарачката рамка и во она што ни е зададено како обврска уште минатата година. Скринингот ќе заврши во првата недела од декември, ние ги подготвуваме и ќе ги испратиме оние патокази што ни се обврска од крајот на скрингот во Првиот кластер и тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени, а бидејќи во моментот тоа нема изгледи да се случи, треба да очекуваме застанување“,
рече Маричиќ.
На неговата оцена оти ВМРО-ДПМНЕ е блокатор на државата, во меѓувреме реагираа и од опозициската партија.
„Не знаеме дали Маричиќ бил на винскиот саем во Белград, но по изјавите и постапките потврдува дека бил и дека уживал во доброто вино. Факт е дека виното му штети, затоа да бидеме сериозни подобро е да пие витамини наместо вино“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата оцени дека со актуелната власт Европската Унија е далечна желба наместо реалност, а европската агенда е блокирана поради криминалот и корупцијата и обидот за наметнување на, како што велат, бугарски диктат.