Вицепремиерот Бојан Маричиќ вели „предноста на државите од Западен Балкан е посветеноста и намерата да бидеме дел од ЕУ, каде што припаѓаме географски и политички и за што имаме силна посветеност и поддршка од меѓународната заедница“

Македонија во ЕУ до 2030 година – реално и остварливо, напиша вицепремиерот Бојан Маричиќ по вечерашната неформална средба со претставниците на ЕУ, САД и делегациите од регионот, а кои пристигнаа во Скопје каде утре ќе учествуваат на состанок на лидерите на Западен Балкан посветен на Планот за раст од Европската Унија.
„Нашата соработка е вистинскиот темел за просперитет на нашите народи. Предноста на државите од Западен Балкан е посветеноста и намерата да бидеме дел од ЕУ, каде што припаѓаме географски и политички и за што имаме силна посветеност и поддршка од меѓународната заедница“,
напиша Маричиќ на неговиот фејсбук-профил.
Маричиќ објави и фотографии од вечерашната средба на кои може да се види дека присутни се и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, како и шефот на мисијата на Европската Унија, Дејвид Гир.
На средбата, освен вицепремиерот Маричиќ, е и министерот на финансии Фатмир Бесими.
Вицепремиерот Маричиќ денеска го пречека и шефот на Одделот за координација на санкциите при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави и именуван помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан кој, исто така, ќе учествува на утрешниот состанок.
Маричиќ, при пречекот на О’Брајан, му се заблагодарил за поддршката што Соединетите Американски Држави ѝ ја даваат на Северна Македонија.
Вечерва и премиерот Димитар Ковачевски објави фотографии од пречекот на неговите колеги од соседството кои утре ќе учествуваат на состанокот на лидерите на Западен Балкан, посветен на Планот за раст на регионот, усвоен од Европската Комисија.
На заедничката фотографија, покрај домаќинот Ковачевски, се и претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама и нивниот косовски колега Албин Курти. На фотографијата се и претседателот на Фондацијата „Отворено општество“ Алекс Сорос, Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државен секретар за Европски и Евроазиски прашања на САД.