Наша цел треба да биде, во не повеќе од два владини мандати, да ги завршиме преговорите. Тоа дали е возможно ќе видиме, но ние мора да бидеме амбициозни и да притискаме. Не заради оваа Влада, туку заради државата, вели вицепремиерот
Убеден сум оти ќе има и желба и начин и одговорност, нема да биде воопшто лесно и едноставно, меѓутоа секоја политичка партија и секој пратеник во Собранието ќе треба да се соочи со одлуката дали блокадата ќе си ја наметнеме сами на себе, или ќе продолжиме понатаму во фазата на преговори поврзана со отворањето на поглавјата затоа што ќе бидеме подготвени до крајот на оваа година да ги отпочнеме преговорите, додава Маричиќ
Разговорите на скрининзите не се „розови“, вели вицепремиерот за европски интеграции Бојан Маричиќ. вечерва во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 истакна дека.
„Немаме розови разговори на скрининзите. Тоа се разговори во кои реално се прикажува состојбата. Сами си укажуваме каде ни се проблемите. ДКСК одат редовно на скрининзите, каде што отворено зборуваат за нивните забелешки, затоа што антикорупцијата е тема во сите кластери. Имаме многу работа, точно е дека некои процеси, што од објективни, а и од субјективни причини, што со намера да ги направиме повнимателно, траеле подолго. Треба да се земе учество на граѓанските организации сега во оваа фаза. Ќе поканиме и странски експерти од Холандија, кои ќе ни помогнат во креирање на тие патокази затоа што тие патокази, пак, ќе ни ги одредат задачите за наредните седум години, односно до зачленувањето во ЕУ. Наша цел треба да биде, во не повеќе од два владини мандати, да ги завршиме преговорите. Тоа дали е возможно ќе видиме, но ние мора да бидеме амбициозни и да притискаме. Не заради оваа Влада, туку заради државата“,
порача Маричиќ.
Вицепремиерот, во разговорот, истакна дека оваа година треба да се посветиме на прашањето со напредокот кон ЕУ и потребните уставни измени, бидејќи имаме неповторлива шанса.
„Јас сум убеден дека ќе има и желба и начин и одговорност, нема да биде воопшто лесно и едноставно, меѓутоа секоја политичка партија и секој пратеник во Собранието ќе треба да се соочи со одлуката дали блокадата ќе си ја наметнеме сами на себе, или ќе продолжиме понатаму во фазата на преговори поврзана со отворањето на поглавјата затоа што ќе бидеме подготвени до крајот на оваа година да ги отпочнеме преговорите“,
нагласи Маричиќ.
Според него недостасува искрен разговор на ниво на политичките партии, околу тоа дали сите, не само номинално, туку и вистински се за членство во Европската Унија под овие услови.
„Затоа што ние не можеме да ги промениме условите, се обидовме, толку успеавме, преговарачката рамка е усвоена, и под тие услови под коишто е усвоена, нам ќе ни биде отворена, или нема да ни биде отворена вратата на ЕУ. Но мислам дека треба да почнеме од таа точка дека зададената преговарачка рамка не можеме да ја промениме, и оттука да почнеме да разговараме и за сите други прашања. Факт е дека неправедна била Европската Унија кон нас бидејќи перцепцијата на нашите граѓани е дека треба само да ги задоволиме соседите коишто се веќе членки. Дека е тоа приоритетна задача. И факт е дека премногу бил билатерализиран процесот, факт е дека имаме и други држави кои имаат исти такви потешкотии, или покрупни, да не заборавиме дека Косово е поглавје во преговорите на Србија“,
истакна Маричиќ.
Тој додаде дека нам не ни треба деполитизација, туку искрен разговор и политизација на овој процес, односно политичките партии да влезат во него искрено и со целосна поддршка.
„Јас имав неколку разговори и формални и неформални со претставници на опозицијата во Собранието, каде што најпрво побаравме од нив мислење, дури и понудивме некои експертски примери, модели, како може да се зајакне улогата на Националниот совет за европска интеграција, каде што претседава опозицијата, како да му дадеме повеќе сила на тој Совет во процесот на преговори, за да има учество на опозицијата и да ја подели одговорноста, но и славата на процесот. Токму за да се намали таа поларизација. И за да кажеме, немаме проблем како Влада да кажеме дека и опозицијата има удел, одговорност, доколку се спремни таа одговорност да ја преземат. За жал нема соодветен одзив, и ние ќе се обидуваме и во наредниот период, дури и со господинот Дробњак работиме на некој предлог којшто се надевам е вреден за разгледување. Пред три, четири месеци имам јас лично разговарано со претставници на опозицијата каде што сум им рекол ние ќе ви дадеме листа на експерти, кажете дали е во ред, за вклучување во овој процес, не сме добиле никаков одговор“,
рече Маричиќ.
Маричиќ додаде дека имаат и обратно барање од опозицијата да номинираат или да предложат луѓе на кои тие им веруваат, но немаат добиено повратен одговор.
„Јас сум спремен сега јавно за ова да разговарам бидејќи помина време, немаме никаков одговр, а за да нема утре обвинувања дека не сме пробале ништо, власта исклучува. Не, не исклучуваме и спремни сме да разговараме за тоа кои се тие луѓе кои се прифатливи за сите партии за да биде заштитетн процесот“,
додаде Маричиќ.
Маричиќ додаде дека се очекува во ноември годинава да бидат завршени сите кластери во скринингот, кој започна на 15 ноември.