„Пишете ги вашите коментари и прашања во коментар под ова видео. Ви ветувам и се обврзувам дека ќе ги поставам на самитот во Тирана и ќе ги имате одговорите уште пред крајот на тој самит“, вели вицепремиерот за европски прашања во своето видеообраќање
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска испрати видеопорака до своите следбеници на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм во која им соопшти дека следните два дена ќе присуствува на средба со лидерите од Западен Балкан и со лидерите од Европската Унија, на која ќе се разговара за планот за раст и како ние како држава, како што напиша, ќе можеме да ги користиме придобивките од заедничкиот европски пазар уште пред да станеме членка.
Истовремено им порача на своите следбеници да му постават прашања во коментар под видеото поврзани со проширувањето на Европската Унија, кои тој во Тирана во нивно име ќе им ги постави на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и на директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ГД НЕАР), Герт Јан Копман, кои, како што вели, се најодговорни на оваа тема во Европската Унија.
Најави дека одговорите на прашањата ќе ги имаат уште пред да заврши самитот.
„Во среда и четврток ќе бидам во Тирана на средба на лидерите од Западен Балкан и лидерите од Европската Унија задолжени за прашањата за проширување. Темата е планот за раст и како можеме да ги користиме придобивките од заедничкиот европски пазар уште пред да станеме членка. Дали имате прашања за планот за раст? Дали би сакале тие прашања да им ги поставам во Ваше име на Копман или Вархеји, како најодговорни од Европската Унија? И дали има нешто што Ве интересира поврзано со процесот на проширување? Пишете ги вашите коментари и прашања во коментар на ова видео. Ви ветувам и се обврзувам дека ќе ги поставам на самитот во Тирана и ќе ги имате одговорите уште пред крајот на тој самит“,
вели Маричиќ во видео обраќањето до своите следбеници.
Утре и задутре во Палатата на конгресот во Тирана ќе се одржи самитот Украина – Југоисточна Европа на кој е најавено учество на 13 европски лидери, вклучувајќи ги тие на шесте земји од Западен Балкан, како и функционери на ЕУ.
Самитот за Украина ќе се одржи во среда, а следниот ден ќе биде самитот на лидерите на Западен Балкан кои ќе разговараат за евроинтеграциите на регионот и спроведувањето на планот за раст на Западен Балкан.
Учество на состанокот најавила и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Планот за раст на Западен Балкан предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди поволни кредити кои ги дава Европската Унија. Целта е да се поттикне економскиот раст на регионот и да се забрза социо-економското усогласување.
Планот се однесува на периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада на западнобалканските земји да добие одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите кои ги спровела во тој период.