Вицепремиерот истакнува дека ние сме држава кандидат за членство во ЕУ и механизмите на ЕУ, извештаите на ЕУ, секогаш ни биле инструмент за подобрување
Добро е што доаѓа европска мисија која ќе врши мониторинг врз работата на Судскиот совет бидејќи имиџот на оваа институција е слика за целото правосудство, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за емисијата „Трилинг“.
„Она што сакам да го кажам за оценската мисија, мислам дека е тоа добар сигнал и дека ние треба да го искористиме како можност. Владата тоа мора да го прифати и мислам дека за тоа никој нема дилема и тоа е пред сè порака до Судскиот совет и до тоа што се случуваше во изминатиот период“,
рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакнува дека ние сме држава кандидат за членство во ЕУ и механизмите на ЕУ, извештаите на ЕУ, секогаш ни биле инструмент за подобрување.
„Клучна улога во разрешување на политичката криза во Северна Македонија беше Извештајот на Прибе од 2015 година, којшто ги исцрта линиите по коишто треба да се движи државата. Дел од тоа е исполнето, дел не е“,
рече Маричиќ.
Вчера евроамбасадорот Дејвид Гир најави дека ЕУ испраќа оценска мисија во земјава по низата скандали и превирања во Судскиот совет. Гир појасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Европската Унија може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.
„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“,
рече Гир во гостување на ТВ Телма.
Гир: ЕУ испраќа оценска мисија во С Македонија за работата на Судскиот совет
Премиерот Димитар Ковачевски денеска порача дека ја поддржува идејата на ЕУ за испраќање оценска мисија за работата на Судскиот совет. Тој додаде дека не е првпат, и во минатото, како што рече, имало оценски мисии на ЕУ, а за оваа тема разговарал со евроамбасадорот Гир пред година и половина.
Ковачевски ја поддржува идејата за испраќање оценска мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет
Идејата ја поздравија и членовите на Судскиот совет. Тие истовремено изразија голема загриженост од фактот што во изминативе недели ова тело било изложено на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки, „со намера комплетно да се дезавуира кредибилитетот на членовите, но и угледот на институцијата во целина“.