Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции, неколку приведени членови и санирање штети нема да нè замолчат, се вели во најавата за протестот
Со протестен марш денеска ќе им се даде поддршка на сите жртви на групата „Јавна соба“, во која илјадници членови споделуваа фотографии на жени, девојки и малолетнички, лични податоци и навредливи и понижувачки коментари.
Маршот започнува во 14:30 часот, а маршрутата ќе биде од Министерство за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство. На двете места говорници ќе се обратат пред присутните и ќе побараат институциите да го расчистат случајот и инволвираните лица да понесат одговорност.
Организаторите ги повикаа сите жртви на „Јавна соба“, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и да побараат правда.
Како што најавија организаторите од Платформата за родова еднаквост, преку маршот ќе се бара од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој, како што велат, претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.
„Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и за сите членови кои праќале и сè уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции. Неколку приведени членови и санирање штети нема да нè замолчат. Будно ги следиме институциите и бараме сеопфатни решенија за превенција на родово базирано насилство“,
велат од Платформата за родова еднаквост.
Тие додаваат дека овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.
„Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи држава која не постапува е држава која силува“,
се вели во најавата.
Случајот „Јавна соба“ предизвика лавина критики за интертноста на институциите бидејќи првата група во која се споделуваа експлицитни фотографии од жени и девојки излезе уште лани во јануари, а обвинителството сѐ уште нема покренато обвинение.
За случајот со втората група, од МВР велат дека работат на вештачење на телефоните на осомничените лица и дека ги следат членовите на „Телеграм“ кои „мигрираат“ во други групи каде што повторно споделуваат фотографии и лични податоци од жените.
За ефикасна правна заштита од Министерството за правда најавија измени во Кривичниот законик со кои би се вовел ново кривично дело – демнење. Дека неопходни се законски измени посочи и јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој вели дека со глобализацијата се јавуваат и нови видови кривични дела кои претходно не можеле да се предвидат.
Поради тоа, според државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, потребни се измени и дополнувања на Кривичниот законик, со најавените кривичните дела демнење и сексуално вознемирување.
Коментирајќи го случајот „Јавна соба“, претседателот Стево Пендаровски порача дека одговорност треба да се повикаат на одговорност раководните лица на институциите кои треба да постапуваат по него.
Според него, се работи за потенцијални неколку илјади жртви, од кои дел пријавиле уште лани, но на системот му требаше близу една година за соодветно да реагира.