Тој вели дека претставниците на власта кои ги изнесуваат ваквите ставови не „другарувале многу со книгите“ и не ги разбираат работите и раскажуваат нешто што слушнале, а не го дослушале. Мицкоски говорејќи во тој контекст рече дека ниту лидерот на Бугарија за време на комунизмот на Тодор Живков немал проблеми со современата македонска нација ниту, пак, таков проблем имаат неговите сегашни следбеници во Бугарија. Како еден од нив тој го посочи актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев. Според него проблемот е што Бугарија не го признава постоењето на македонски народ
Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврдењата на дел од претставниците на власта дека со внесувањето на Бугарите во Уставот ќе се направи дистинкција со Македонците, се резултат на незнаење или на свесно манипулирање.

„Тоа е една многу погрешна констатација којашто изминатиот период ја зборуваше прво Али Ахмети, потоа дел од министрите коишто доаѓаат од ДУИ, а сега гледам, како што е редоследот таму, почнува да го зборува тоа и Ковачевски и останатите од СДСМ, Маричиќ и сличните“,
изјави Мицкоски одговорајаќи на новинарско прашање на отворањето на политичката академија во организација на Партискиот истражувачки и аналитички центар „Љубиша Георгиевски“, со поддршка на меѓународни институции како Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Тој рече дека претставниците на власта кои ги изнесуваат ваквите ставови не „другарувале многу со книгите“ и не ги разбираат работите и раскажуваат нешто што слушнале, а не го дослушале.
Мицкоски, говорејќи во тој контекст, рече дека ниту лидерот на Бугарија за време на комунизмот на Тодор Живков немал проблеми со современата македонска нација ниту, пак, таков проблем имаат неговите сегашни следбеници во Бугарија. Како еден од нив тој го посочи актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев. Според него, проблемот е што Бугарија не го признава постоењето на македонски народ.
„Тие немаат проблем со македонската нација којашто е резултат на формирањето на современата македонска држава како резултат на одржаните собранија на АСНОМ и АВТОЈ и така натаму. Туку тие имаат проблем со македонскиот народ претходно, значи пред да се формира македонската држава и македонската нација, тоа е проблемот. Тие велат дека македонскиот народ е всушност бугарски народ и тоа е суштината. Никој од нив нема проблем кога вели, видете современата македонска нација е резултат на заседанијата на АСНОМ и на АВНОЈ, антифашистичката борба и формирањето на македонската држава, тоа треба секој да го знае. Тука нема никој проблем, туку што се случувало претходно. Тие велат, да тогаш се формираани тие ентитети, но претходно таму постоеле Бугари и живееле Бугари, тоа е суштината“,
рече Мицкоски.
Како уште една „небулоза“, според него, тој ги посочи тврдењата дека со потпишувањето на договорот со Фронтекс на македонски јазик, тој бил признаен од Европската Унија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека македонскиот јазик ќе стане службен јазик на ЕУ кога земјата ќе стане членка на Унијата, што како што рече, не се знае кога ќе се случи и за што неговата партија бара гаранции.
„Што се однесува до јазикот, тоа е многу важно да се каже, бидејќи честопати се експлоатира тезата во јавност за договорот со Фронтекс. И тоа е уште една небулоза и уште една лага и манипулација. Македонскиот јазик е дел од официјалните јазици на Обединетите нации уште од 1945 година, кога поранешната федерација (Југославија) станува членка на Обединетите Нации, а со тоа трите тогаш официјални јазици на поранешната федерација, српскохрватски, словенечки и македонски, стануваат официјални јазици на Обединетите нации. Кодифициран е за време на атинската конференција 1977 година, а ќе стане официјален јазик на Европската Унија тогаш кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија. А кога ќе стане Македонија членка на Европската Унија, гледате дека немаме гаранции. Тоа е она коешто ВМРО-ДПМНЕ го бара, гаранции. Еден од трите столба е тоа што ВМРО-ДПМНЕ го бара, а тоа се гаранции“,
истакна Мицкоски.
Ставовите на Мицкоски доаѓаат во пресрет на уставните измени и формирањето на работната група која треба да ги формулира амандманите за вметнувањето на Бугарите и други помали заедници во Преамбулата на највисокиот правен акт во државата. Опозициската партија ги одби повиците на државниот врв за нејзино вклучување во експертската група, чиј состав треба да биде познат наредните денови.