Според тоа, и предавањето на мандатот на Ковачевски останува за наредната недела, со оглед на тоа што претседателот Пендаровски чека известување од партиите од мнозинството за нивниот кандидат за составување на новата влада
Централниот одбор на СДСМ ќе заседава во почетокот на следната седмица, првпат по изборот на нов партиски лидер, кога се очекува Димитар Ковачевски да биде потврден како мандатар за состав на новата влада.
Новата седница на ЦО ја најави Стефан Васев на денешната прес-конференција во СДСМ, посочувајќи дека тогаш ќе биде избрано и новото партиско раководство.
Тој, исто така, рече дека парламентарното мнозинство е јасно и сигурно и дека веќе се донесени првите одлуки во парламентот откако Алтернатива стана дел од владејачката коалиција.
Според тоа, и предавањето на мандатот на Ковачевски останува за наредната недела, со оглед на тоа што претседателот Стево Пендаровски рече дека чека официјално известување од партиите од мнозинството за нивниот кандидат за составување на новата влада.
Централниот одбор на СДСМ, кој беше избран на конгресот во мај годинава, исто така, треба да избере, како што се наведува, ново партиско раководство. Според најавите, тоа би значело нов состав на Извршниот одбор, како и нови потпретседатели и секретари на партијата, по предлог на наследникот на Зоран Заев на „Бихаќска“.
Ковачевски, исто така, најави дека во актуелниот состав на ЦО ќе кооптира нови членови, како можност што му ја дозволува партискиот Статут. За нов генерален секретар на партијата, пак, се очекува да биде именуван Миле Зечевиќ, кој првично најави можна кандидатура за партиски лидер, а потоа застана зад кандидатурата на Ковачевски.
Се очекува позицијата да ја задржи заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, која беше избрана на функцијата, исто така, на конгресот во мај годинава, но по предлог на Заев.