Одлуката за избор на Малта како земја претседавач со ОБСЕ за 2024 година, како што објави Османи, е донесена со консензус на денешниот подготвителниот состанок и Постојаниот совет од страна на амбасадорите на 57 земји учеснички на ОБСЕ во Виена, а ќе биде потврдена на претстојниот Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје
Малта е земјата која од 1 јануари 2024 година ќе го преземе претседавањето со Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во текот на една календарска година. Информацијата ја објави министерот за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, на своите социјални мрежи.
Одлуката за избор на Малта како земја претседавач со ОБСЕ за 2024 година, како што објави Османи, е донесена со консензус на денешниот подготвителниот состанок и Постојаниот совет од страна на амбасадорите на 57 земји учеснички на ОБСЕ во Виена, а ќе биде потврдена на претстојниот Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.
„Благодарност до Малта за подготвеноста да ја преземе оваа витална улога и на сите земји учеснички и партнери на ОБСЕ за флексибилноста и поддршката“,
објави Османи на социјалните мрежи.
Изборот на Малта како следен претседавач со ОБСЕ е постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за единствената земја кандидат за претседавањето со Организацијата за 2024 година – Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и Белорусија.
Во 2025 година, пак, едногодишното претседавање на ОБСЕ ќе го води Финска.