Во автомобилот што го управувал малолетникот, сопственост на неговиот татко, полицијата пронашла четири пиштоли со калибар од 7,65 мм, односно девет милиметри и два сигнални пиштоли
Петнаесетгодишен тинејџер пред два дена бил фатен од полицијата како управува автомобил во кој има имало неколку пиштоли и муниција, соопштија утрово од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Како што информираат оттаму, во врска со случајот, од страна на Основното јавно обвинителство Скопје е поведена истрага против таткото на малолетникот, кој се товари за кривичното делот неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи по член 396 став 3 од Кривичниот законик.
„Истрагата е поведена бидејќи осомничениот (татко) во својот автомобил ‘ауди А8′ неовластено држел огнено оружје и муниција – два пиштоли, едниот со калибар 7,65 мм, а другиот со калибар 9 мм со по четири куршуми за секој од нив. Во автомобилот бил пронајден уште еден пиштол за кој осомничениот имал дозвола за поседување со осум куршуми и уште два сигнални пиштоли“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Малолетникот, кој овој месец наполнил 15 години, бил запрен од полицијата додека возел во скопско Волково во вечерните часови на 23 јануари, а во автомобилот што го управувал било пронајдено оружјето.
Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на осомничениот татко на детето да му бидат одредени мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето, повремено да се јавува на определено службено лице, одземање на пасошот и на возачката дозвола.
Дополнително, Обвинителството бара на малолетниот син, како и на други малолетни и неовластени лица да им биде забранет пристап во просторија или во домот каде што има огнено оружје.
