Двајцата претседатели порачаа дека Русија мора да одговара за злосторствата во Украина, Бајден посочи дека е спремен на разговор со Путин ако тој е спремен да ја заврши војната, а Макрон посочи дека Западот не треба да ги принуда Украинците на неприфатлив компромис
Макрон и сопругата беа пречекани со највисоки државни почести, а во рамки на официјалната посета на САД, Бајден им организира и државна вечера која ретко кој од гостите во Белата куќа ја добива

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот француски колега, Емануел Макрон, ја осудија руската инвазија на Украина за време на првата официјална државна посета на Макрон откако неговиот колега во Вашингтон ја презеде власта во на почетокот на 2021 година.
На заедничка прес-конференција, Бајден кажа дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин доколку тој е подготвен да стави крај на инвазијата.
„Подготвен сум, ако е подготвен да разговара, да дознаам што е подготвен да направи“,
рече Бајден.
Но, како што рече, тоа ќе го направи само во консултација со неговите сојузници во НАТО и нема да направи нешто што би било на штета на украинските интереси.
Од почетокот на руската агресија, Бајден се спротивстави на разговори со Путин, за разлика од неговиот француски колега кој имаше комуникација.

Макрон, пак, по средбата во Белата куќа порача дека западните сојузници не треба да ги принудуваат Украинците на компромис кој за нив би бил неприфатлив.
„Тие се толку храбри и ги бранат своите животи, својата нација и нашите принципи … Ако сакаме одржлив мир, мораме да ги почитуваме Украинците да одлучат за моментот и условите во кои ќе преговараат за нивната територија и нивната иднина“,
рече Макрон.
Двајцата ветија поддршка за Украина, а во заедничка изјава што беше објавена по средбата наведоа дека ќе се посветат на тоа Русија да одговара за „широко документираните воени злосторства извршени од нејзините редовни вооружени сили и нејзините полномошници во Украина“.
Во однос на глобалниот поредок, претседателите уверуваат дека ќе се координираат во врска со Кина порачувајќи дека меѓународниот поредок мора да биде заснован на правила вклучително и човековите права. Најави и оти ќе работат со Пекинг на важните глобални прашања како што се климатските промени.

Макрон и неговата сопруга Брижит беа примени со највисоки државни почести во Белата Куќа од американскиот претседател и неговата сопруга, Џо и Џил Бајден.
Во рамки на посетата се организира и државна вечера која ретко кој ја добива во САД. Голем број светски лидери, како што пишува Би-би-си, го посетуваат Вашингтон секоја година, но само неколкумина добиваат државна вечера што е дискрециско право на претседателот за што тој се консултира и со неговите советници за надворешна политика.