Цената на природниот гас во октомври ќе се намали за околу 200 евра за 1 000 нормални кубни метри, а на метанот за 20 денари за килограм
„Макпетрол“ за октомври ја намали цената на природниот гас и на метанот, соопштија од компанијата. Намалувањето кај природниот гас се должи на договорот што го има со „Газпром експорт“ и со движењето на цената на светските берзи.
„Согласно договорот помеѓу ’Макпетрол‘ АД Скопје и ’Газпром експорт‘, како и движењето на цената на природниот гас на светските берзи, ‘Макпетрол’ АД Скопје ги известува своите потрошувачи и пошироката јавност дека цената на природниот гас за месец октомври ќе се намали за околу 200 евра за 1 000 нормални кубни метри, во однос на цената за септември оваа година“,
велат од „Макпетрол“.
Во однос на погонското гориво за моторни возила – метан, тие наведуваат дека намалувањето на малопродажната цена е за 20 денари за килограм. Новата цена сега ќе изнесува 184 денари за килограм.