Телефонската анкета на „Детектор“ спроведена во соработка со Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) покажува дека Македонците и Албанците во земјава имаат различни гледања за тоа кој е виновник за војната во Украина. За етничките Албанци, за конфликтот е одговорна Русија, повеќето Македонци вината за војната ја гледаат кај некој друг.
Истражувањето покажува дека 56,8 отсто од испитаниците-Албанците сметаат дека за војната, која трае речиси цела година, e одговорна Русија, додека само 10,9 проценти од Македонците го велат истото – дека Москва е виновна.

4,5 проценти од Македонците ја сметаат Украина за одговорна за војната. Кај Албанците тој процент е поголем – 10,5 отсто велат дека Украина е виновна. Има голема разлика и во одговорот дека „некој друг“ е виновен – така се изјасниле 40,8 отсто од Македонците и 10,2 проценти од Албанците.

Разликата е забележителна и кај прашањето за тоа кого поддржуваат во војната – 47 отсто од прашаните Албанци ја поддржуваат Украина, а 41,1 проценти од нив не поддржуваат никого. Кај Македонците сликата е поинаква – 27 отсто поддржуваат Русија, а 18 проценти Украина.
Телефонската анкета е спроведена во периодот од 23 до 26 декември и во неа учестувале 1 119 испитаници.