Мицкоски, заедно со група бивши комунистички фигури, како Црвенковски и најблискиот до политиките на Груевски – Иванов, се водечки фигури во новата кампања против Бугарија, во која учествуваат повеќе медиуми, пишува бугарската агенција во веста за оштетувањето на споменикот
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија најостро го осудува вандалскиот акт на скрнавење на споменикот во Охрид за жртвите на трагичната несреќа со бродот “Илинден”, во која настрадаа бугарски туристи, на 5 септември 2009 година.
„Надлежните служби се информирани и во најскоро време ќе го отстранат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци, за да можеме достоинствено да ја паметиме ова трагедија“,
наведуваат од Министерството за надворешни работи.
Во соопштението се додава дека вратите на историскиот Охрид остануваат ширум отворени за сите туристи, а посебно, како што се наведува, се секогаш добредојдени нашите пријатели од соседна Бугарија.
Реакцијата на МНР следи откако бугарската агенција БГНЕС објави вест и фотографија за скврнавење на споменикот.
„Споменикот на брегот на Охридското езеро, кој беше подигнат во спомен на бугарските туристи кои ги загубија животите при патување на бродот ‘Илинден’, е разрушен”,
објави БГНЕС, посочувајќи дека е оштетена „стилизираната солза”‘ во која беа преплетени 15 метални рози.

Во продолжение се наведува и дека „во последните три дена во соседна С Македонија избувна нова хистерија по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС”.
„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со група бивши комунистички фигури, како Бранко Црвенковски и најблискиот до политиките на Никола Груевски – Ѓорге Иванов, се водечките фигури во новата кампања против Бугарија. Во пропагандата учествуваат повеќе медиуми“,
наведува БГНЕС во информацијата за сквернавењето на споменикот во Охрид.