Во Меморандумот, меѓу другото, се посочува дека ова се „судбински денови за европската иднина на македонската суверена и самостојна Република“, дека земјата ги исполнува потребните предуслови за отпочнување на преговорите, ама дека процесот е условен од „апсурдните барања на Република Бугарија“
Како „Македонски манифест“ е насловен заедничкиот Меморандум на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје (УКИМ).
Во Меморандумот, потпишан од претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, меѓу другото, се посочува дека ова се „судбински денови за европската иднина на македонската суверена и самостојна Република“, дека земјата ги исполнува потребните предуслови за отпочнување на преговорите, ама дека процесот е условен од „апсурдните барања на Република Бугарија“.
„Ги повикуваме и ги охрабруваме претседателот на македонската држава, Собранието на Републиката, претседателот на Владата, печатените и електронските медиуми, научните, културните и уметничките институции и здруженија, соодветните министерства за образование и наука, за култура и за надворешни работи, собраниските и вонсобраниските политички партии, како и сите граѓани на Македонија:
– преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;
– да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;
– да се уважуваат не само објективните факти и научната аргументација, туку и комплексната интерпретација на историските факти, настани и личности;
– да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право“,
се наведува во Меморандумот на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА.