Со потпишување на протоколот за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини Блаце-Елез Хан и Јажинце-Глобочица, како што посочи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се прави уште еден чекор кон целосна имплементација на концептот на заеднички граничен премин познат како „One Stop Shop“ кој ќе обезбеди побрз, поедноставен и поефикасен проток на патници и стоки
Ресорните министри од македонската и косовската влада денеска по заедничката меѓувладина седница во Приштина потпишаа меморандуми и протоколи за соработка во три области.

Еден од нив е протоколот за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини Блаце-Елез Хан и Јажинце-Глобочица, потпишан од министрите за внатрешни работи Панче Тошковски и Џелал Свечла.

Со потпишување на протоколот, како што посочи Тошковски, се прави уште еден чекор кон целосна имплементација на концептот на заеднички граничен премин познат како „One Stop Shop“ кој ќе обезбеди побрз, поедноставен и поефикасен проток на патници и стоки.
„Овој систем ќе го скрати времето на чекање на границите и ќе придонесе за подобро поврзување и олеснување на движењето помеѓу нашите две земји“,
истакна Тошковски и додаде дека со Свечла разговарало за наредните чекори потребни за имплементација на овој концепт.
Меморандум за соработка потпишаа и министерките за образование на С Македонија, Весна Јаневска, и косовската министерка за образование, наука, технологија и иновации, Арберие Нагавци. Фокус на соработката на двете министерства ќе биде стручното образование и обука, како и на образованието на возрасните.

„Со цел подигнување на квалитетот во стручното образование и обука, двете страни ќе разменуваат искуства за реформи во образованието и наставните програми, а средните стручни училишта ќе ги интензивираат меѓусебните контакти преку партнерства и училишни мрежи, додека учениците ќе можат заеднички да учествуваат на разни образовни настани. Во областа на образованието на возрасни, ќе се разменува стручна литература, експерти, ќе можат да се организираат заеднички конференции и настани и се создаваат услови за потесна соработка на посебните центри за образование на возрасни“,
информираат од МОН.
Владите на С Македонија и на Косово денеска преку своите ресорни министерства потпишаа и меморандум за соработка на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, размена на експертиза и информации меѓу јавните компании, развој на инфраструктурни проекти од заеднички интерес и истражување на можностите за размена на електрична енергија и ресурси.

„Со овој меморандум ги зајакнуваме не само нашите енергетски системи, туку и нашата визија за стабилен, одржлив и поврзан регион. Уверени сме дека оваа соработка ќе донесе значителни придобивки за двете земји и ќе послужи како пример за партнерство во Југоисточна Европа“,
рече министерката за енергетика Сања Божиновска.
Потпишувањето на документот, како што се истакнува, ја нагласува неопходноста од заеднички напори за одговор на глобалните енергетски предизвици, особено во контекст на климатските промени и енергетската криза.