Предводени од селекторот Љубомир Савевски, ракометарките го почнуваат својот настап утре против Франција и ова ќе биде прв настап на женската ракометна репрезентација на европските првенства по десет години пауза
Македонската женска ракометна сениорска репрезентација утре го стартува Европското првенство на кое земјата е една од домаќините покрај Словенија и Црна Гора.
Најсилниот женски ракометен колектив има привилегија своите натпрвари да ги игра пред домашната публика во Скопје.
Предводени од селекторот Љубомир Савевски, ракометарките го почнуваат својот настап утре против Франција во 18 часот, по што следуваат дуелите со уште два гиганта на светскиот ракомет, Холандија на 7 ноември и Романија два дена подоцна, на 9 ноември. Ова ќе биде прв настап на женската ракометна репрезентација на европските првенства по десет години пауза.
Почетокот на 15. Европско ракометно првенство за женски сениорки, ЕХФ ЕУРО 2022 симболично беше означен денеска во арената „Борис Трајковски“ во присуство на претставници на Ракометната федерација на Македонија, Европската ракометна федерација, македонските ракометни клубови и Агенцијата за млади и спорт. Скопје е еден од четирите градови-домаќини на првенството што ќе се игра од денеска до 20 ноември, покрај Љубљана, Целје и Подгорица.
„Во изминативе 15 години, од позиција на ракометен фан, но и од позиција на член на национална ракометна делегација, сум бил на многу меѓународни првенства. Денес сум многу горд и среќен што Македонија е центар на еден ваков европски спектакл“,
истакна претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.
Генералниот секретар на РФМ Филип Милошевски рече дека после точно 5 години и 8 месеци работење на темата ЕХФ ЕУРО 2022 за женски сениорки, горд е што Скопје ќе биде центар на сениорски ракометен спектакл со предзнак европски.
Претставничката на ЕХФ Габриела Хорват очекува одлична атмосфера и нови искуства за сите учесници, навивачи и официјални лица на првенството.
„Со ова уште еднаш ќе покажеме дека ракометот е спорт број 1 во вашата држава“,
истакна Хорват.
Денеска беа презентирани и комплетно опремените капацитети на СЦ „Борис Трајковски“ кои наликуваат на европските арени домаќини на најзначајните континентални спортски собири.