Според Димитриеска – Кочоска, со оглед на добрата комуникација на премиерот Христијан Мицкоски со високи лица од Вашингтон, земјава може актуелната ситуација да ја гледа како шанса и да почне директно да извезува во САД

Министерката за финансии Гордана Димитриeска – Кочоска очекува темата за американските царини да се разговара на пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон идната недела.
Таа смета дека земјава нема некој голем негативен ефект од ваквата одлука на САД, туку повеќе е индиректно засегната, преку размената со ЕУ.
Според Димитриеска – Кочоска, со оглед на добрата комуникација на премиерот Христијан Мицкоски со високи лица од Вашингтон, земјава може актуелната ситуација да ја гледа како шанса и да почне директно да извезува во САД.
„Очекувам да имам средби во американското Министерство за финансии каде ќе се потрудиме да поразговараме и да видиме што можеме да направиме како директна промена, но неколку пати го зборувам истото, ние од директната размена со САД немаме некој голем негативен ефект или импликација. Кај нас, проблемите се јавуваат како резултат на размената што ја имаме со ЕУ, а ЕУ со САД. Значи, во тој дел треба да следиме што ќе се случува во ЕУ“,
рече таа, одговарајќи на новинарко прашање на настан за одбележување на Денот на Царинската управа.
Таа додаде дека и на економскиот форум во Грција, на кој беше пред два дена, речиси на сите панели се разговарало за случувањата во САД.
„Мислам дека и таму работите малку ќе се променат. Гледате и сами дека дојде до намалување на царинските тарифи. Десет отсто царинска тарифа е нешто што може да го прифатат и граѓаните на САД, но и во синџирот или поврзаноста секој по малку да преземе од тој трошок. Оваа состојба е сега веќе комплетно поразлична и очекувам дека ќе има надминување и на овие 10 отсто, можеби ќе стигнеме и ние да искористиме како држава, зашто јас ова го гледам и како шанса за нас зашто премиерот има многу добра комуникација со високи лица од Вашингтон. Очекувам дека ќе ја искористиме во наша полза, па што и да не почнеме директно да извезуваме во САД“,
додаде министерката.
На листата држави на кои американскиот претседател Доналд Трамп им воведе царини се најде и Северна Македонија. Според она што го објави Трамп царините се 33 отсто, односно половина од она што, според табелите, земјата го има како царина кон САД, а тоа е 65 отсто.
Премиерот Христијан Мицкоски, неколку дена откако беше објавена листата на Трамп, рече дека многу скоро очекува да се коригира „ова што е резултат на некаква грешка или погрешна информација“. Тој ваквиот став го темели врз трговската размена со САД во 2024 година која, како што рече, е во дефицит, односно е во негатива.
Премиерот рече дека се прави анализа и споредба на податоците и оти континуирано се разговара со САД во врска со ова прашање, но не откри што точно се разговара со партнерите од САД, велејќи дека се работи за сензитивен процес и најави дека јавноста детално ќе биде информирана тогаш кога процесот ќе заврши.