Највисока стапка на инфлација во Европа има во Турција – 88%, веднаш потоа на листата, но со трипати помала стапка, е Украина со 26,6%, а во регионот на врвот на листата е Македонија со речиси 20 отсто
Зборот за 2022 година дефинитивно ќе биде „инфлација“. Трошоците за живот во Европа од минута во минута се зголемуваат, а лошиот финансиски тренд, барем засега, нема знаци дека ќе забави.
Така, на Стариот Континент на прсти може да се избројат земјите што успеаја да го издржат притисокот и да не преминат во зоната на двоцифрена инфлација.
Статистиката на „Вижуал капиталист“ илустрира што се случува во Европа и покажува кои земји најмногу страдаат од инфлација, a кои држави одржуваат финансиска рамнотежа.
Најлоша е ситуацијата во Турција каде што во последниот период вредноста на парите алармантно се намалува. Стапката на инфлација таму достигна 88,5 отсто, а во следната земја на листата, според овој показател, инфлацијата е помала за трипати. Станува збор за Украина каде што инфлацијата, од очигледни причини, достигна 26,6%. Горивото таму, на пример, бележи зголемување од над 90% оваа година во споредба со минатата, и така, ако литар бензин во 2021 година се продаваше по цена од околу 25-27 гривни, денес скокна на 50-55 гривни.
По Украина веднаш се Литванија (23,6%), Естонија (22,5%), Летонија (21,8%) и Унгарија (21,1%). Ова се земјите каде што инфлацијата е далеку над европскиот просек и се движи околу 10%.
Секако, има и добри примери под или околу овие проценти, иако многу малку. Станува збор за Данска и Португалија (10,1%), како и Норвешка (7,5) и апсолутниот шампион Франција – 6,2%. Италија и Австрија се блиску до европскиот просек со 11,8% и 11% соодветно.
Македонија, пак, според стапката на инфлација е на врвот на листата споредено со земјите од регионот. Кај нас, како што објави објави Државниот завод за статистика, стапката на инфлација, мерена преку порастот на трошоците на живот, во октомври изнесуваше 19,8 проценти во споредба со истиот месец лани.
Земјите од опкружувањето изгледаат подобро на картата на инфлација. Во Бугарија е 18%, Романија може да се „пофали“ со 15,3%, Грција – меѓу 5 и 10%, во Србија изнесува околу 15%, Хрватска – 13,5.