Во однос на 2024 година, кога беше рангирана на 88. место, земјава лани напреднала за четири позиции, но и натаму нема промена во индексните поени на скалата на која 0 поени значат најлош, а 100 поени најдобар можен скор според индексот за перцепција на корупцијата. Во 2025 година, исто како и годината пред неа, земјава има 40 поени
Осумдесет и четвртото место на ранг-листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупцијата за 2025 година земјава го дели со соседна Бугарија, Унгарија, Буркина Фасо, Куба, Гвајана и Танзанија
Северна Македонија се најде на 84. место од вкупно 180 земји на ранг-листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупцијата за 2025 година објавена од „Транспаренси интернешнл“.

Во однос на 2024 година, кога беше рангирана на 88. место, земјава напреднала за четири позиции, но и натаму нема промена во индексните поени на скалата на која 0 поени значат најлош, а 100 поени најдобар можен скор според индексот за перцепција на корупцијата. Во 2025 година, исто како и годината пред неа, земјава има скор од 40 индексни поени, што е за три под глобалниот просек од 43 бодови.

Осумдесет и четвртото место на ранг-листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупцијата за 2025 година земјава го дели со соседна Бугарија, Унгарија, Буркина Фасо, Куба, Гвајана и Танзанија.

Црна Гора предничи, Србија најлошо рангирана од земјите од Западен Балкан
Од шесте земји од Западен Балкан, најдобро рангирана е Црна Гора која се наоѓа на 65. место на ранг-листата, следно е Косово кое го зазема 76. место, по што следува Северна Македонија на 84. место.
Албанија е рангирана на 91. место, по што следува Босна и Херцеговина на 109. место. Најлошо рангирана е соседна Србија која, според индексот за перцепција на корупцијата за 2025 година, е позиционирана на 116. место со освоени 33 индексни поени. Освен во БиХ, каде што има напредок од еден индексен поен во 2025 во однос на 2024 година, кај останатите земји од Западен Балкан е нотиран или пад или непроменет број на поените.
Од останатите земји од регионот, Словенија е најдобро рангирана (41. место). следува Грција на 56. позиција, Хрватска го зазема 63. место, а соседна Бугарија го дели 84. место заедно со Македонија.
Македонија нема суштински напредок во борбата против корупцијата
Претседателот на „Транспаренси интернешнал Македонија“, Благоја Пандовски, вели дека земјава нема суштински напредок во борбата против корупцијата, туку има константа како почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро. Скокот од четири места на ранг-листата во однос на 2024 година, пак, како што вели, покажува дека лани во борбата против корупцијата ни одело подобро од четири други држави.
Пандовски вели дека клучни системски проблеми и натаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството. Дополнително, како што наведува, случувањата поврзани со поранешната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која е обвинета во случајот „Адитив“ сериозно ја нарушиле довербата на јавноста во институциите задолжени за борба против корупцијата.
„Загрижува и нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, како и нивната содржина, која не само што не придонесе за зајакнување на антикорупциската рамка, туку во одредени сегменти ја ослаби. Исто така, се уште не се донесени и новиот Закон за укажувачи, како и измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, едни од најважните закони во борбата против корупцијата. Овие резултати испраќаат јасна порака – без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, Северна Македонија ќе остане заглавена во стагнација“,
вели Пандовски додавајќи дека борбата против корупцијата мора да се третира како врвен државен приоритет, а не како декларативна заложба.
Данска на врвот, Јужен Судан на дното на ранг-листата на „Транспаренси“
И оваа година Данска се наоѓа на првото место според Глобалниот индекс за перцепција на корупцијата за 2025 со освоени 89 поени. По неа следат Финска со 88 поени, Сингапур со 84 поени, Нов Зеланд и Норвешка со 81 поен и Шведска и Швајцарија со 80 поени. Со освоени девет индексни поени, Јужен Судан се наоѓа на дното на ранг-листата. Нешто повеќе, 14 индексни поени имаат Сомалија, Венецуела, Јемен, Либија, Еритреја, Судан и Никарагва.
Корупцијата се влошува на глобално ниво
Извештајот на „Транспаренси интернешнал“ покажува дека корупцијата се влошува на глобално ниво. Дури и демократиите, кои традиционално се посилни во борбата против корупцијата од автократиите или нефункционалните демократии, доживуваат загрижувачки пад во своите резултати и раст на корупцијата.
„Овој тренд опфаќа земји како САД, Канада и Нов Зеланд, како и делови од Европа, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Франција и Шведска. Во многу европски земји, антикорупциските напори во голема мера стагнираа во последната деценија. Од 2012 година, 13 земји од Западна Европа и ЕУ значително се влошиле, додека само седум бележат значително подобрување“,
се наведува во извештајот на „Транспаренси“.
