Фармацевтската компанија „Астра Зенека“ за прв човек на претставништвото во Загреб го именуваше д-р Дејан Лаковски. Тој во екот на пандемијата и кризата со испораката на вакцини ќе раководи со операциите на оваа британско-шведската компанија во Хрватска и во Босна и Херцеговина.
Овој искусен менаџер во областа на фармацијата дипломирал медицина во Скопје, каде што се стекнал и со магистратура по економија. Кариерата ја започнал во 2001 година. во „Алкалоид“, а работел и како регионален претставник за „Рош“ и за „Сандоз“.
Д-р Лаковски во „Астра Зенека“ доаѓа од раководна позиција во германската фармацевтска групација „Стада“. Бил шеф на нивното претставништвото во Софија, од каде што освен за Бугарија, ги водел бизнисите на оваа групација и за Хрватска и за Словенија.
Неговата нова компанија е во континуиран конфликт со официјален Брисел поради доцнењето на испораката на вакцините за земјите членки на Унијата. Тој се продлабочи по најавите дека поради извозни ограничувања компанијата дополнително ќе ги намалува испораките на својата вакцина против ковид-19 во Европската Унија.
Инаку, „Астра Зенека“ деновиве се соочува и со проблематизирање на квалитетот на нејзината вакцина откако неколку европски земји привремено ја прекинаа имунизицијата со неа.
Тие сметаат дека е потребна проверка на сознанијата дека кај одредени лица на возраст под 50 години што ја примиле вакцината вакцината предизвикала несакани последици, како згрутчување на крвта и намалување на нивото на тромбоцити.
„Астра Зенека“ ги демантира ваквите информации и соопшти дека, според сите направени испитувања, нивната вакцина е безбедна.