Македонскиот државјанин е осомничен дека лани во септември и август создал меѓународна група од која дел станале и петмина Австралијци и договорил купување на 10 килограми метиламфетамин по цена од 2,3 милиони австралиски долари, како и неовластено посредување за 37 килограми метиламгетамин вреден 8,9 милиони австралиски долари и 7 килограми кокаин по цела од 2,4 милиони австралиски долари
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против Македонец кој е осомничен дека организирал продажба на кокаин и метиламфетамин во Австралија. Тој вчера бил приведен во акција во Струга и од Основниот кривичен суд Скопје му е одреден 30-дневен притвор по барање на обвинителството.
Акцијата е резултат на меѓународна соработка на Австралиската федерална полиција и полициските сили од Западна Австралија.
ОЈО ГОКК го сомничи за злосторничко здружување и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, и според соопштението оттаму, македонскиот државјанин во август и септември лани создал меѓународната криминална група од која дел станале петмина австралиски државјани.
„Секој член на групата имал своја улога на купување, продажба, посредување во купопродажба, нудење на продажба и пренесување на наркотичната дрога, со цел понатамошна продажба. Македонскиот државјанин користејќи различни платформи преку енкриптирачки мобилни уреди пристапувал и комуницирал под псевдоними и притоа, во критичниот период, договорил неовластено купување на 10 килограми метиламфетамин по цена од 2 400 000 австралиски долари, неовластено посредување на 37 килограми метиламфетамин во вкупна вредност од 8 880 000 австралиски долари и 7 килограми кокаин по цена од 2 240 000 австралиски долари за вкупната количина кокаин“,
велат од ОЈО ГОКК.
Купопродажбата и примопредавањето на дрогата, според прибраните докази, се одвивала преку австралиските членови со кои се договарал за местото, времето и начинот на преземање и плаќање на истата.
Петтемина австралиски државјани се уапсени во акција спроведена на 31 август и 1 септември 2021 година на територијата на Австралија од тамошните органи на прогонот и против нив веќе се води кривична постапка пред австралиските надлежни органи.
По тамошната акција, австралиските власти преку меѓународна правна помош ги доставиле доказите до македонското обвинителство, кое по преземените дејствија ја спровело вчерашната акција.