Компанијата предупреди на користење инсценирани видеа и пропаганда поддржана од вештачка интелигенција како дел од овие операции
Руски агенти ја насочиле својата активност кон претседателската кампања на Камала Харис, кандидатката на Демократската партија за претседател на САД, објави технолошкиот гигант „Мајкрософт“, пренесе ДПА.
Според „Мајкрософт“, Русија се фокусирала на кампањата на Харис користејќи агенти кои шират лажни видеа со цел да предизвикаат раздор и да шират дезинформации за неа.
„Во последните два месеца забележавме значителна промена во тактиката на руските операции за влијание, што ја одразува променливата политичка клима во САД. Фокусот врз кампањата на Харис претставува стратешки потег на руските агенти, со цел да ги искористат сите претпоставени слабости на новите кандидати“,
напиша генералниот менаџер на Центарот за анализа на закани при „Мајкрософт“, Клинт Ватс, во блог објавен на официјалната страница на компанијата.
Камала Харис го замени Џо Бајден како кандидат на Демократската партија откако 81-годишниот актуелен претседател се повлече од трката во јули по слабото претставување на дебатата со кандидатот на републиканците, Доналд Трамп.
„Како што се приближуваат изборите, треба да очекуваме дека руските агенти ќе продолжат да користат кибер, прокси и хакерски групи за да ги шират своите пораки преку медиумски платформи и социјални мрежи таргетирајќи политички содржини со цел да создадат поделби“,
изјавија од „Мајкрософт“.
Компанијата предупреди на користењето на инсценирани видеа и пропаганда поддржана од вештачка интелигенција како дел од овие операции.
„Мајкрософт“, исто така, посочи дека кинески агент за влијание, поврзан со кинеската влада, создал видеа кои ја критикуваат администрацијата на Бајден и кампањата на Харис.
„Во целина, овие три држави – Иран, Кина и Русија – покажуваат колку е сложена странската вмешаност со која се соочуваат САД и зошто е неопходно јавноста да биде внимателна кон овие променливи закани“,
додаде Ватс.
Компанијата потсети дека целта на нивните извештаи е да се поттикне свесноста и да се заштитат институциите од каква било форма на странско мешање.
Во август, „Гугл“ потврди дека хакери поддржани од Иран ги нападнале кампањите на американските претседателски ривали Камала Харис и Доналд Трамп.
Хакерска група позната како AПT42, поврзана со Корпусот на гардата на исламската револуција на Иран, нападнала поединци и организации од висок профил во Израел и САД, вклучително и владини претставници и политички кампањи, беше наведено во извештајот за закани објавен во вторникот од „Гугл“.